Меси за својот идол: Првиот ден во соблекувалната не смеев да го погледнам

од Nikola Popovski

Аргентинецот Лео Меси повторно беше прогласен за најдобар фудбалер на светот, а во разговор за француските медиуми зборуваше за престојот во Барселона.

Иако имаше можност да ја сподели соблекувалната со бројни легенди, тој објасни дека чувствува најголема почит кон Тиери Анри.

Аргентинецот дебитираше за Барселона кога имаше само 17 години и три месеци, кога учествуваше во првенствената победа над Еспањол на гости во октомври 2004 година.

Иако веќе имал можност да запознае некои од легендите на Барселона, тој истакнува дека најмногу го импресионирал Анри, кој дојде во 2007 година.

„Ги почитував сите големи шампиони кои беа таму. Од Роналдињо, преку Ето, Пујол, а да не ги спомнуваме Чави и Иниеста, кои се уште беа млади. Но, имаше играч поради кој се наежив. Тоа беше Анри“, рече Меси.

Фудбалерот на ПСЖ ја следел кариерата на Анри и ги следел неговите натпревари од Арсенал. Тој се восхитува на неговите настапи и поради тоа бил срамежлив кон Французинот.

„Знаев се за него, што правеше во Англија, и одеднаш бевме во тимот заедно. Чувствував и чувствувам еден вид восхит кон него. Првиот ден кога пристигна во соблекувалната, не смеев да го погледнам. Неговиот начин на игра, едноставноста… Имаше способност да прави тешки работи на полесен начин“, изјави Меси.

Слични содржини