Места каде короната сè уште не пристигнала

од Vladimir Zorba

Досега, преку еден милион случаи на „Ковид-19“ се пријавени ширум светот во земји од Непал до Никарагва. И како што се зголемува бројот на смртни случаи и пациентите ги преполнуваат болниците, прашањето е – има ли место на земјата каде сè уште нема коронавирус?

Одговорот е, можеби изненадувачки, да.

Од 193 земји членки на ОН, до 2 април 18 држави немаат пријавено случаи на Ковид-19, пренесува Би-Би-Си, која користи податоци од универзитетот Џонс Хопкинс.

Тие 18 држави се: Коморос, Кирибати, Лесото, Маршалските Острови, Микронезија, Науру, Северна Кореја, Палау, Самоа, Сао Томе и Принцип, Соломонските острови, Јужен Судан, Таџикистан, Тонга, Туркменистан, Тувалу, Вануату и Јемен.

Некои од нив, експертите се согласуваат, веројатно имаат непријавени случаи.

На пример, Северна Кореја има официјално нула инфицирани, како и воено уништениот Јемен. Но, постојат земји каде вирусот не „слетал“. Повеќето од нив се мали острови со малку посетители – всушност, седум од 10-те најмалку посетени места во светот, според ОН, немаат заразени со Ковид-19. Овие земји практично се „изолирани“ со својата одалеченост.

Сепак, неколку мали пацифички земји, вклучително и Науру, исто така воведоа вонредна состојба.

Науру, во Тихиот океан, е оддалечен над 300 километри од каде било – Островот Банаба, дел од Кирибати, е најблизу до копното. Најблискиот главен град со директни летови е Бризбејн, кој се наоѓа на 4.000 километри југо-западно. Таа е втора најмала членка на ОН по територија (по Монако) и со нешто повеќе од 10,000 луѓе, втора најмала по население (по Тувалу). Исто така е едно од најмалку посетените места на Земјата. Иако не се појавува во последните податоци на ОН, еден туристички оператор вели дека земјата има само 160 туристи годишно.

Можеби мислите дека таквото оддалечено место не треба дополнително да се дистанцира. Но, земја со една болница, без респиратори и недостаток на медицински сестри, не треба да ризикува, пишува Би-Би-Си.

Покрај Науру, своите граници ги затворија и Кирибати, Тонга, Вануату и други.

„Последните места каде ќе се појави Ковид-19 се веројатно оние во јужниот дел на Пацификот, многу оддалечени острови, тоа е местото каде што би ги вложил парите“, вели Енди Тејтем, професор по просторна демографија и епидемиологија на Универзитетот Саутемптон.

„Но, во нашата глобализирана економија, не сум сигурен дека секое место може да избегне таква заразна болест“, додава тој. Тејтем изјави дека затворањето на границите – како оние во Науру – може да помогне, но тие не можат да траат засекогаш.

„Повеќето од овие земји се потпираат на некој вид увоз однадвор – дали тоа е храна или добра или туризам – или извезуваат свои добра. Можеби е можно да се затворат целосно, но тоа може да биде штетно – и на крајот ќе треба да се отворат “, заклучува Тејтем.

Слични содржини