Метаверзумот на Facebook – следно поглавје за компанијата

од Stefanija Kuzmanovska

Шефот на Facebook, Марк Закерберг, неодамна призна дека развил свој „виртуелен свет“ како следно поглавје за компанијата и следната генерација на Интернет.

Закерберг најави дека Facebook во следните пет години ќе се претвори од компанија која првенствено се перцепира како социјална мрежа во компанија „метаверзум“.

„Очекувам луѓето во следните години да се преселат од тоа да не гледаат првенствено како компанија за социјални медиуми во тоа да не гледаат како компанија метаверзум, рече Закерберг. „Метаверзумот е на многу начини крајниот израз на социјалната технологија“.

Метаверзумот (meta-universe) е дигитален свет во кој се спојуваат физичката и виртуелната реалност, тоа е заеднички виртуелен простор на одредена заедница луѓе создаден со примена на зголемена реалност и во него луѓето можат да комуницираат во форма на аватари.

Според тоа, метаверзумот на Facebook ќе биде платформа која ќе им овозможи на луѓето комуникација и интеракција на сосема нови, иновативни начини.

Најголемата светска социјална мрежа инвестираше значителни ресурси во виртуелна и проширена реалност. Facebook го купи Oculus VR кој развива очила за проширена реалност и паметни нараквици. Исто така, купи неколку VR гејмерски студија и има околу 10.000 вработени кои работат на технологија за виртуелна реалност.

Концептот на метаверзумот му се припишува на Нил Стивенсон, автор на научно-фантастичниот роман од 1992 година, „Snow Crash“. Некои заедници за видео игри веќе создадоа метаверзум, како што се Roblox и Fortnite.

„Верувам дека метаверзумот ќе биде наследник на мобилниот интернет и дека создавањето на оваа група на производи е следниот чекор на нашиот пат да помогнеме да се изгради“, напиша Закерберг на Фејсбук, откривајќи дека компанијата стартувала развојен тим за работа на проектот.

На неодамнешниот самит на Huawei за технологија 5G и AR, беше откриено дека пазарот за проширена реалност ќе вреди 300 милијарди долари до 2025 година.

Експертите истакнуваат дека технологиите за проширена реалност станаа еден од клучните двигатели на дигиталната трансформација и длабоко ќе ги променат методите на производство и начинот на кој живееме.

Акциониот план на Европската комисија за обновување и трансформација, делот за европскиот медиум и аудиовизуелен сектор во дигиталната деценија, предвидува дека до 2030 година, VR и AR ќе додадат околу 1,3 трилиони евра во глобалната економија, од 39 милијарди евра во 2019 година .

Во 2019 година, Европскиот парламент донесе резолуција за сеопфатна европска индустриска политика за вештачка интелигенција и роботика. Во резолуцијата, меѓу другото, се наведува дека вештачката интелигенција може да го збогати животот и да ги подобри способностите, како за поединци, така и за општо добро.

Во овој текст, Парламентот исто така признава дека вештачката интелигенција се однесува на различни сектори каде стандардизацијата е од големо значење, како што се паметно производство, роботика, автономни возила, виртуелна реалност, здравствена заштита и анализа на податоци, и верува дека стандардизацијата на вештачката интелигенција ширум ЕУ ќе поттикне иновации и гаранција за високо ниво на заштита на потрошувачите.

Слични содржини