МФ: Нов закон за вршење сметководствени работи за унапредување на сметководствената професија

од Vladimir Zorba

Нов Предлог-закон за сметководствени работи со којшто се унапредува сметководствената професија е предложен од страна на Министерството за финансии и истиот вчера е усвоен на владина седница. Законот е изготвен низ инклузивен процес на консултации со сите засегнати страни, при што се прават клучни промени во насока на подигање на капацитетите и стручната подготвеност на сметководителите, со задолжително полагање испит за влегување во професијата, како и со зголемување на бројот на часовите за континуирано професионално усовршување (КПУ). Дополнително Предлог законот е во насока на либерализација на пазарот на организирање обуки за вршење сметководствени услуги, при што се овозможува влез на нови правни субјекти врз основа на претходно исполнети критериуми.

Дополнително, по влезот на РС Македонија во ЕУ се дава можност сметководствени услуги да даваат странски физички и правни лица, со што законот се усогласува со европската директива за услуги.

Со предложениот закон Институтот за вршење сметководствени работи ќе се дефинира како правно лице со јавни овластувања, а воедно ќе се операционализира работењето на институтот, со воспоставување органи на управување и акти за работење на Институтот.

Со цел воведување надзор над сметководствената професија од самостојно и независно тело, со Предлог законот се предлага воспоставување Совет за унапредување и надзор на сметководствената професија на РС Македонија кој како независно регулаторно тело ќе обезбеди соодветно спроведување на сите принципи за спроведување на обуките за КПУ, истовремено грижејќи се за континуираниот раст и развој на целокупната сметководствена фела, се до обезбедување на гарантирано спроведување на сите потребни мерки за имплементација на меѓународните сметководствени стандарди.

Со усвојување на новиот Предлог закон за вршење сметководствени работи, правото на вршење на сметководствени услуги во РС Македонија ќе се стекнува само со исполнување на критериумите дефинирани со Законот. Лицата кои вршат сметководствени работи ќе имаат законска одговорност во поглед на правилното водење на сметководството, и обврска со потпис да ја потврдат точноста на годишна сметка и финансиските извештаи, како и нивната усогласеност со законските одредби. Сметководителите и овластените сметководители ќе имаат обврска за задолжителна професионална едукација и почитување на општо прифатените етички принципи на професијата.

Сегашниот Закон за вршење на сметководствени работи е донесен пред девет години со цел уредување на условите за вршење на сметководствени услуги и формирање на Институт за сметководители и овластени сметководители. Од досегашната примена на Законот се утврди потреба за доуредување на определени прашања поврзани со организацијата на Институтот, континуираното професионално усовршување, контролата на работењето, надзорот над работењето на Институтот, како и за воведување на стручен испит за влез во сметководствената професија. Дополнително, мандатите на органите и комисиите на Институтот се истечени, поради што има потреба и од уредување на начинот на избор на новиот состав на органите и комисиите на Институтот.

Предлог-законот се заснова врз начелата за непристрасност, независност, транспарентност, стручност, професионалност и законитост при вршењето сметководствени работи.

На истиот се работеше во текот на 2021 година при што се разгледани и прифатени барањата на сметководителите и сметководствените комори коишто се во насока на унапредување на сметководствената професија.

Законот беше поставен и на Електронскиот национален регистар на прописи на РС Македонија, каде сите засегнати страни можеа дополнително да дадат коментари.

Слични содржини