Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска од Прилеп порача дека вчера европската тројка министри за надворешни работи кои беа во посета на Скопје, не кажале дека може да дојде до изолација на нашата земја доколку не ги изгласаме уставните измени.
Ако некој ја изолира Македонија, тоа се криминалците од власта поради неспособност да спроведат реформи. Промената на Уставот не е критериум за изолирање на Македонија. Од истите тројца министри добив уверување дека во ниту еден момент не го кажале зборот „изолирање“, туку задоцнување на процесот. „Delay“ ќе има заради тоа што Владата на Ковачевски потпиша договор под бугарски диктат кој што народот не го прифаќа и надвор од политички консензус, рече Мицкоски во изјава за медиумите.
Тој повтори дека доколку следната група дипломати од ЕУ што треба да дојдат во земјава наредната недела, доаѓа само за уставните измени, ќе биде многу разочаран и загрижен, бидејќи како што вели, на граѓаните ширум земјава последна работа на памет им се промените на Уставот.
Доаѓа крајот за овие луѓе кои што ја крадат Македонија. После крајот, доаѓа и соочување со реалност. Имам такви информации дека дел ќе бегаат и веќе се пакуваат. Има и еден пример тука од Прилеп за еден значаен лик кој дивее овде и кој има возен парк од неколку стотици илјади евра. Но нема бегање, ќе ги најдеме, порача лидерот на опозицијата.