Мицкоски ги прашува граѓаните за проекти: „Гласот на народот е полн со незадоволство од неработењето на локалните функционери на ВМРО-ДПМНЕ“

од Nikola Popovski

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги повикаа граѓаните да предложат свои идеи и проекти во следните две недели за време на отворените денови во општините каде што градоначалниците се од нивната партија.

Според последните информации од партијата, собрани се 845 идеи кои ќе бидат разгледани и добар дел преточени во буџетски проекти, и за истите ќе бидат предвидени средства за нивна реализација.

Од таму додаваат дека овој принцип на работа, на отвореност, отчетност и транспарентност изминатите 365 дена ја промени сликата во многу општини и ќе продолжи и во иднина.

Јавноста ги анализира овие потези на најголемата опозициска партија и добар дел од неа сметаат дека ова не е ништо ново кога се работи за локалната самоуправа.

Според поранешниот градоначалник на општина Велес, Аце Коцевски по завршувањето на локалните избори, секој градоначалник треба да се однесува како градоначалник на сите граѓани и општината да биде отворена за сите и што помалку да се меша политиката на партиите во работата на општините.

Аце Коцевски

-Тоа што го предлагаат не измислиле топла вода, тоа се случува во добар дел македонски општини долги години наназад. Во општина Велес додека јас бев градоначалник, ние бевме прва општина во земјава кога почнавме со јавни расправи на нацрт-програмите и нацрт-буџетот на општината во присуство на различни целни групи. Врз основа на тие јавни расправи потоа нацрт-текстовите ги претворавме предлог-текстови на програми за работи на општината за наредната година и предлог-буџет на општината, кој се носеше во двофазна постапка, вели Коцевски за „Локално“.

Екс-градоначалникот смета дека не е добро штом тоа го прави политичка партија, како што сега го прави ВМРО-ДПМНЕ.

-Тоа треба да го прават општините, Советот и градоначалниците. Не е добро мешањето на политичките партии во работата на локалната самоуправа, потенцира Коцевски.

Тој истакнува дека не му е прифатливо ваквото однесување, како и присуството на Мицкоски на промовирање на проектите на општините.

-Тој нема никаква државна функција, ниту некакво право да се појавува на презентација на проекти на било која општина. Може да се појави премиер или министер ако Владата го поддржува проектот, но лидер на политичка партија не е етички да се појавува на проекти на градоначалници. Не е добра таа пракса. Сум за транспарентност да учествуваат граѓаните и да се измислуваат нови форми и начини, но не на предлог на политичка партија, без разлика која партија станува збор. Политиката што понастрана, едно се изборните кампањи, а друго е однесувањето после завршувањето на изборите. Мораме да го промениме начинот, порачува Коцевски.

Од друга страна, политичкиот аналитичар и професор Тони Науновски, оваа иницијатива е само уште еден мошне провиден маркетиншки трик за замајување на помалку информираните членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ „демек тие нешто работат и им се битни мислењата и интереситена луѓето во доменот на ингеренциите на локалната самоуправа“.

Тони Науновски

-Колку е очајно раководството на партијата во битката за зачувување на нивните партиски фотељи и функции среде се поголемото незадоволство на членството и народот од оваа гарнитура околу Мицкоски се огледува токму во трошење на народни, буџетски пари по хотели за „панаѓури“ за нешто што е фундаментална обврска на секоја единица на локалната самоправа. Па, затоа и се нарекува локална самоуправа, локалните жители на секоја општина мора да учествваат во одлките за инфраструктурните и друи проекти на конкретната единица на локална самоправа, тоа е суштината и смислата воопшто на самиот израз локална самоуправа. Таа максимална партиципативност на граѓаните, на луѓето во процесот на донесување на одлуки за местата во кои живеат е основна дејност и императив на општинските раководства, но може оние нивните градоначалници и советници не го знаеле тоа па морале нивните „експерти“ а ла Конрад Аденауер да ги потсетат. Штета за потрошените буџетски пари среде економска криза за нешто што и студент од било која општествена наука од прва година го знае, оценува Науновски.

Аналитичарот истакнува дека реалноста и фактите на теренот се недвосмислени, со ретки исклучоци.

-Катастрофално е работењето на градоначалниците на Мицкоски и општинските советници. Прошетајте низ државата и ќе видите колку се раскопани улиците низ градовите и селата, тротоарите, осветлување нема или е расипано, културни настани има се помалку, инфраструктурни проекти или нема или се лошо изведени, итн. Но затоа има високи трошоци за угостителски услуги по кафеани, како што можеме да прочитаме во ретките објективни медиуми бидејќи постои доминација во медиумскиот дискурс на апологети на мицковистичкото дпмне, за жал. Додуше, медиумските пропагандни ефтини трикови и кампањи не можат да го фалсификуваат објективниот факт дека гласот на народот е полн со незадоволство од неработењето на локалните функционери на ВМРО-ДПМНЕ, вели Науновски.

Соговорникот истакнува дека апсурдно е да се прави компарација во врска со владењето на локално ниво од ВМРО-ДПМНЕ до 2016/2017 година и после тоа, бидејќи според него, „е просто различно како небо и земја“.

-Пред ова раководство на чело со „шпицниот градоначалник“ Мицкоски да ги запоседне фотељите во партијата ВМРО-ДПМНЕ, имаше неспоредливо подобри резултати во секој аспект од дејствувањето и владеењето. Конкретно, во сферата на локалната самоуправа, во тие времиња имаше оромни, капитални инвестициски проекти, водоводи, израдба на локална патна инфраструктра итн. кои повеќекратно ги надминуваат сегашните; имаше концепции и визии за развој, за разлика од сега, во време на локалните самоуправи на Мицкоски, освен ако за визија не ги третирате богатите кафански софри кои народот и плаќа и апсурдните локални коалиции  со оние од левица кои светот то замислуваат како сталиново село за диктатура, и слично. Инаку, Скопје 2014 како проект е најграндиозниот проект на современата македонска држава, настрана индициите за криминални тендери и слично, тоа не ме интересира, за тоа има институции, посочи Науновски.

Н.П.

Слични содржини