Мицкоски: На следните избори ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, никој веќе нема дилема

од Vladimir Zorba

„За жал денеска се помалку е присутна надеж, се повеќе е присутно разочарувањето, мизеријата, болката за неправдата, болката дека нема правда, луѓето се чувствуваат опљачкани, осиромашени, понижени и голем дел од нив одлучуваат засекогаш да ги напуштат своите домови овдека во Македонија. Разочарани што не добиле вистинска шанса. Јас сум на факултетот каде што имам секојдневна комуникација со млади луѓе чии што родители се нивниот мотив да после студиите ја напуштат Македонија”, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Христијан Мицкоски на денешната трибина насловена „Гоце е Македонија” која што беше организирана во рамките на одбележувањето на 120 години од Илинденското востание и 130 години од основањето на ВМРО.

Мицкоски додаде дека токму тоа е колективен неуспех што сега се случува во Македонија. Тој дури вели дека ВМРО-ДПМНЕ треба сето тоа да го корегира.

„Многу скоро од денеска ќе имаме можност. Ќе имаме можност, ќе дојдат изборите, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи. Бидете сигурни дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи. Никој веќе нема дилема, дури и Ковачевски да го прашате и Али Ахмети и тие ќе ви го дадат тој одговор. Барем едно е константна, кога и да се случат изборите ВМРО-ДПМНЕ ќе победи. Прашањето е дали ќе бидат 55, 58, 60, 62 пратеника. Само тоа е дилемата, друго верувајте дека нема да има дилема. Народот е мотивиран и народот сака да го види ВМРО-ДПМНЕ. И знаете што ми велат луѓето кога ме среќаваат, еве изминатиов месец беше месец полн со празници, со слави, и често пати кога одев на тие слави без разлика дали беа организирани во градски, или во рурални средини, луѓето велеа ова е последната шанса. Значи ВМРО-ДПМНЕ е последната шанса. Вие сте последната шанса”, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

„И тоа не е едноставно. Таа шанса нема да има привилегии. Таа шанса нема да биде убава шанса. Затоа што ако била убава немало да сте вие. Таа шанса нема да значи уживање. Туку многу работа, многу откажувања, многу мака, многу труд, многу храброст, многу одлучност, за да се обидеме да ја доведеме Македонија на некое пристојно место. Нема да биде лесно. Но, знам едно дека секој кој што ќе биде надвор од оваа рамка, секој оној кој што ќе ја изневери довербата на граѓаните, а е дел од нас, ќе биде веднаш санкциониран и отстранет од структурата од која што ја добила таа шанса. Затоа што образот нема цена, а достоинството на нашите сограѓани, нашиот македонски народ нема цена, не смееме да ги разочараме”, заклучи Мицкоски.

Слични содржини