Мицкоски повеќе не го коментира Груевски: Кажав сè што имав

од Nikola Popovski
347 прегледи

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски останува на ставот дека неговата партија ќе го блокира со амандмани новиот предлог-закон за амнестија. Според него, законот има намена да се ослободат криминалци кои одлежуваат казна затвор.

-Тука не мислам само на СДСМ и ДУИ, туку и на АА, ако воопшто постои, ако не е претопена во ДУИ, или барем оној дел кој се уште се идентификува како АА. Тоа се преземни обврски кон криминалците и потоа истите да се најдат на улиците и да ѝ прават проблеми на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Можам да ветам дека идната влада има јасна намера да се пресмета со криминалот од било каков облик, додаде тој при посетата на општина Илинден.

Мицкоски не сакаше да го коментира јавувањето на екс-премиерот Никола Груевски во емисија во живо, во кое гостуваше и градоначалничката Данела Арсовска, ниту сакаше да каже поконкретно околу фамозното УСБ кое го покажа потпретседателот на неговата партија, Александар Николоски.

-Се што имав да кажам на таа тема – кажав. Немам што повеќе да додадам по тоа прашање. На сите им посакувам среќа, здравје и успех во тоа што го работат, кажа Мицкоски.

Фејсбук препукувањата меѓу сегашниот и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ почнаа откако Мицкоски во изјава за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг” истакна дека Груевски се наоѓа во тајна комуникација со Владата и оти „за да издејствува уставни измени, Владата подготвува валкани дилови“.

Мицкоски вели дека Владата планира да му вети кривична неказнивост на Груевски, кој побегна во Унгарија во 2018, за да поминат уставните измени во Парламентот. Тој побара и доби политички азил, откако побегна од земјата во која се водат повеќе кривични постапки против него. Со новите измени на Кривичниот законик, изгласани пред две недели, пак, најголем дел од постапките против него ќе застарат.

Препукувањата доаѓаат во време кога од пратениците во Собранието се очекува да изгласаа уставни измени, со кои, меѓудругото во Уставот ќе бидат вметнати и Бугарите. Тоа пак е барање што земјава се согласи да го исполни, ако сака да го продолжи интегрирањето во Европската унија.

Слични содржини