Мигрантите почнаа да ги заобиколуваат БиХ и Хрватска

од Vladimir Zorba

Притисокот на мигрантите на хрватската граница во првите шест месеци од оваа година е ослабен во споредба со истиот период минатата година, покажуваат податоците на хрватското Министерство за внатрешни работи, пишува во саботата „Јутарњи лист“.

Слична е состојбата и во Словенија и Босна и Херцеговина, а податоците покажуваат дека мигрантската рута е поактивна во Србија, од каде мигрантите се обидуваат да влезат во Унгарија и понатаму во Словенија.

Но, соговорниците на Јутарњи лист стравуваат дека ова затишје нема да трае ако продолжи ескалацијата на конфликтот во Авганистан. Тие предупредуваат дека понатамошното напредување на талибанците во земјата може да поттикне нов бран миграција на цивили таму кон Европа, а во тој случај и во Хрватска.

Според Министерството за внатрешни работи, во првите шест месеци од оваа година, граничната полиција забележа 7.434 илегални премини на државната граница, што е за 11,2 проценти помалку отколку во истиот период во 2020 година, кога беа регистрирани 8.374. Најчести се државјаните на Авганистан, Пакистан, Бангладеш, Сирија и Косово.

Најголем притисок од илегални миграции има сè уште во областа на полициските администрации на Лика-Сењ, Сисак-Мославина и Карловац.

Во истиот период оваа година, словенечката полиција забележа 3.343 илегални гранични преминувања, што е за 34,8 проценти помалку отколку во истиот период во 2021 година. Во моментов во Босна и Херцеговина има околу 7.500 мигранти, што е значително помалку од претходните години. Во Србија, пак, официјално се регистрирани околу четири илјади мигранти, но неофицијалната бројка е многу поголема, пренесе „Јутарњи лист“.

Мигрантите кои се наоѓаат во таа земја, наместо преку БиХ, сè повеќе се обидуваат да влезат на територијата на ЕУ преку Унгарија, така што се формирани неколку илегални кампови долж српско-унгарската граница.

И хрватското Министерство за внатрешни работи потврдува дека се зголемува притисокот врз Унгарија. Според нив, причината за намалувањето на илегалните премини на хрватската граница е „ефективната заштита на хрватската надворешна граница, што охрабри некои мигранти да најдат нови слаби точки на надворешната граница на ЕУ, односно преместување на мигрантите од БиХ кон Србија и обиди за премин на Романија и Унгарија “.

Слични содржини