По бегалската драма, Мијалков заврши зад решетки

од Берта Китинска

Поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков по бегалската драма која се одвиваше изминатата недела, од вчера е во затворот во „Шутка“.

Тој доби 12 години затворска за „Таргет-Тврдина“, а до последен момент не беше познато дали воопшто и ќе биде присутен во судницата за читање на пресудата.

Драма која траеше една недела

Минатата сабота, обвинителката Вилма Русковска од личен извор добила непотврдени сознанија дека Мијалков ќе бега. Го известила МВР. Сепак тој не беше пронајден во својот дом, ниту во Хотелот „Мериот“ и за него беше распишана национална и меѓународна потреница. Во недела претпладне од обвинителството испраќаат официјалното барање за затворски притвор за Мијалков. Откако полицијата не може да го лоцира беглаецот, на распит беше целото негово семејство.

По два дена потрага, на 23 февруари Мијалков се појави во Обвинителството за гонење организиран криминал во Скопје.

Во изјава за 24 вести, тој рече дека предходните денови имал многу висока температура и се извини на јавноста и на институциите затоа што создал непријатности.

Тврдеше дека воопшто не го напуштил Скопје, дека не знаел дека е распишана потерница по него, затоа што имал 40 степени температура.

Рече дека дошол само да го земе решението за домашен притвор. По распитот во обвинителство, Мијалков беше спроведен во домашен притвор.

12 години затвор за најважниот случај на СЈО

Во просториите на Кривичниот суд вчера беше донесена пресудата за случајот „Таргет тврдна“, најважниот случај на веќе згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО).

Првообвинетиот Мијалков, заработи казна затвор во висина од 12 години за три кривични дела, односно злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба и овластување и примање награда за неовластено влијание.

Во судницата тој мирно ги следеше судиите кои ја читаа одлуката два часа, а меѓу присутните во судницата беше и неговиот син Јордан Мијалков.

„Мерката куќен притвор не е доволна за обвинетиот Сашо Мијалков. Како Обвинителство бараме ефективен затворски притвор. Мијалков воедно има и адреса на живеење во Прага, ни потврди Европол“, истакна обвинителката Ленче Ристовска денеска по изрекувањето на пресудата.

Под силно полициско обезбедување спроведен во Шутка

Откако Судот му одреди мерка затворски притвор поранешниот директор на УБК, беше спроведен во затворот Шутка. Тој таму пристигна во полициско комбе и со силно полициско обезбедување и интервентна полиција. Мијалков почнува да го издржува 60 дневниот притвор кој судот му го одреди поради опасност од бегство.

Кој е всушност Сашо Мијалков?

Сашо Мијалков од 2006 до 2015 година беше синоним за огромна моќ во државава. Тој во 1990 станува дел од ВМРО ДПМНЕ. Во периодот од 1998 до 2000 година, работел во Министерството за одбрана на местото помошник-министер за одбрана и безбедносно разузнување.

Во периодот 2000 до 2001 година, станува советник за безбедносни прашања во Владата на Република Македонија. Од 29 август 2006 година е назначен за директор на Управата за безбедност и контраразузнавање и на таа функција останува до 12 мај 2015, кога поднесува оставка.

По бегството на неговиот братучед, експремиерот Никола Груевски, тој имаше клучни улоги во политиката. По овој период започнаа објавите на „бомбите“ во кои беа слушани неговите разговори.

Сите судски процеси на екс-шефот на УБК

„Трезор“

Мијалков во овој случај е обвинет за незаконско прибавување на 820 илјади евра преку набавка на електронска комуникациска опрема од фирма од Велика Британија.

Големата сума пари од МВР, односно од државниот Буџет, легнала на сметката на фирмата „Финзи“, чиј сопственик Коста Крпач беше најден застрелан уште во април 2016 година, за време на предистражната постапка за незаконски присвоените 820.000 евра преку неговата фирма.

„Тортура“

Во „Тортура“, заедно со Сашо Мијалков, обвинети се и поранешниот прв човек на единицата „Алфи”, Ивица Антевски-Пуки и уште петмина припадници на единицата.

Специјалното јавно обвинителство ги гонеше за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, за начинот на лишување од слобода на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи – Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.

„Титаник 2“

Мијалков според обвинителниот акт за овој случај го искористил своето реално влијание и телефонски побарал од Мендух Тачи да влијае врз членот од неговата партија во ДИК да гласа за носење на одлука во полза на партијата ВМРО-ДПМНЕ по приговор за гласањето на избирачкото место 1.727 во Струмица, со што кандидатот Васил Пишев се стекнал со противзаконито право за натамошно учество на изборите.

Судот сите шестмина обвинети во „Титаник 2“ ги прогласи за виновни. Најголема казна од 4,5 години затвор доби Бедредин Ибраими, тогашен член на Државната изборна комисија (ДИК) предложен од ДПА. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, доби 3 години и 2 месеца затвор, а поранешниот директор на УБК, како и членовите на ДИК предложени од ВМРО-ДПМНЕ, добија по три години затвор.

„Империја“

Во „Империја“ на СЈО кривично се гонат вкупно 13 лица, меѓу кои е Мијалков.Сите се сомничат за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело во периодот од 2002 година до 2013 година.Во случајот „Империја“ буџетот е оштетен за 6,2 милиони евра, а испрани се 19,9 милиони евра.

Слични содржини