Се случи геноцидот во Сребреница, повеќе не треба да се докажува, светот знае кој го извршил геноцидот во Сребреница, а заради иднината, но и заради сегашноста, важно е да се каже и прифати дека целиот српски народ не е и не може да биде виновен за геноцидот, рече хрватскиот претседател Зоран Милановиќ во видео порака по повод 25-годишнината од злосторствата во Сребреница.

Милановиќ во видео пораката изјави дека е важно да се каже дека сите виновници, вистинските виновници, најголемите виновници, не се казнети до денес, јавуваат хрватските медиуми.

– Одговорност е на сите нас да ја прифатиме вистината и жртвите да почиваат во мир, истакна Милановиќ, додавајќи дека е уште поголема одговорност за нас да ги прифатиме семејствата на жртвите и преживеаните како еднакви и да веруваме во постоењето на човечки и европски вредности.

„Да не ги оставиме во заробеништво на минатото. Жртвата на Сребреница мора да биде една од клучните и добро научени лекции на европската хуманост, кредибилитет и искреност“, заклучи Милановиќ.

Слични содржини