Милановиќ: Косово треба да го признаат сите членки на ЕУ кои се’ уште не го сториле тоа

од Milan1
12 прегледи

Хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ, денеска во разговор со косовскиот премиер, Албин Курти, изјави дека се исполнети сите услови за целосно меѓународно признавање на Косово.

„Сите услови за државност и целосно меѓународно признавање на Косово се исполнети, а особено Косово треба да го признаат сите членки на Европската унија кои се уште не го сториле тоа“, повтори Милановиќ, објави прес-службата на хрватскиот претседател.

Тој потврди дека Косово има целосна и цврста поддршка од Хрватска на неговиот пат кон членство во сите меѓународни асоцијации.

Претседателот на Хрватска оцени дека е неопходно нормализација на односите меѓу Косово и Србија, бидејќи тоа би значело поголема стабилност во Југоисточна Европа, што, како што се наведува, е и во хрватскиот национален интерес.

Косовскиот премиер денеска е во официјална посета на Хрватска, при што разговараше и со премиерот Андреј Пленковиќ и со претседателот на Собранието Гордан Јандорковиќ.

По разговорот со Пленковиќ, Курти изјави дека Приштина сака добрососедски односи со Србија, но дека за тоа и’ е потребна нормална Србија, која според него во моментов не е демократска.

Пленковиќ оцени дека за стабилноста на Југоисточна Европа е важно односите меѓу државите што произлегоа од распадот на Југославија да се регулираат на структуриран, ефективен начин, со меѓусебно почитување, без конфликти и со фокус на соработката и Процесот на европска интеграција.

Тој рече дека Хрватска сака процесот на дијалогот во Брисел да доведе до нормализација на односите меѓу Косово и Србија и меѓусебно признавање, нагласувајќи дека Косово е „реалност како меѓународно призната држава“ и дека не гледа сценарио во кое таа реалност би се промена.

Во рамките на посетата на косовската делегација, во Загреб се одржа хрватско-косовски економски форум, а беа потпишани повеќе договори, меѓу кои и за меѓусебно признавање на возачките дозволи и взаемна помош во случај на природни катастрофи.

Слични содржини