Милевски: Централниот одбор едногласно ми даде целосна доверба да бидам министер во оваа Влада

од Берта Китинска

Централниот одбор ми дал целосна доверба да бидам министер во оваа Влада, предводена од СДСМ и тоа едногласно, вели во изјава за „Локално“, министерот за локална самоуправа и претседател на ЛДП, Горан Милевски откако беше испратен допис од Филип Аврмачев, член на Централниот одбор на партијата во кој се вели дека Милевски, самиот, без согласност и партиска одлука, се предложил за министер во Владата.

-При тоа во овој период никој не покренал прашање за преиспитување на коалицијата со СДСМ, ниту пак го довел во прашање мојот легитимитет да бидам дел од оваа Влада и затоа раководството на ЛДП проценило дека нема потреба повторно да дебатираме за тема, која за нас не е проблематична. Ние сме во коалиција со партија, а не со поединци и затоа промените кои се случуваат во СДСМ, нас не не интересираат.Но, доколку ете еден член смета дека треба уште еднаш Централниот одбор да го потврдува учество на ЛДП и моето во Владата, ние тоа задоволство ќе му го овозможеме и уште оваа недела ќе закажеме седница на Централниот одбор на која ќе побарам нова доверба од членовите, за која не се сомневам дека ќе ја добијам, објаснува Милевски.

Тој вели дека партијата никогаш не била пообединета и поконсолидирана и затоа последните напади кон него како личност проследени со целосни невистини во кои на највулгарен начин се вовлекуваат и ја дискредитира неговата фамилија се за секоја осуда.

-Во политичката битка мора да има граници кои не смеат да се пречекоруваат особено ако трпат недолжни луѓе кои немаат никаква врска со политиката.
Јас разбирам дека дел од луѓето ги изгубиле позициите и привилегиите а следува партиски Конгрес на кој секој треба да даде отчет што работел во овие четири години и затоа нервозата се зголемува но сепак нема функција која е вредна да се газе по честа и достоинството на луѓето само да се остварат лични интереси, вели министерот.

Во дописот стои дека претседателот на ЛДП, Горан Милевски, самиот, без согласност и партиска одлука, се предложил за министер во Владата, што покрена иницијатива внатре во партијата за негова одговорност.

-Со вчерашниот избор на Владата и изборот на Горан Милевски за член на Владата е прекршен Статутот на ЛДП. На последната седница на ЦО се зазема став водење преговори и барање до мандатарот Ковачевски за учество на ЛДП во Владата. Одлуката за учество и обезбедување на уште еден министерски мандат на Милевски се случи без претходно одржување седница на ЦО и носење одлука за учество во Владата. Согласно член 38 став 17 од Статутот на ЛДП: ‘ЦО утврдува листа на кандидати за членови на Владата на Република Македонија од редовите на ЛДП’“, стои во дописот на Филип Аврмачев, член на Централниот одбор испратен со органите на ЛДП.

Тој им порачува на членовите на Надзорниот одбор да поведат соодветна постапка против претседателот Милевски за прекршување на статутот на партијата.

Слични содржини