Милевски: Заради зголемените расходи, можно е голем дел од комуналните претпријатија да имаат проблем во давањето комунални услуги за граѓаните

од Vladimir Zorba

Комуналните претпријатија сеуште чекаат одговор од Владата дали од државната каса ќе се субвенционираат дел од нивните трошоци, од што понатаму ќе зависи колку ќе поскапат услугите што тие им ги даваат на граѓаните но и квалитетот и достапноста на истите.

Во очекување да се оствари најавената средба, АДКОМ апелира граѓаните да продолжат да ги плаќаат сметките за добиените комунални услуги бидејќи овој приход е клучен за непрекинато и квалитетно давање на нивните услуги.

Во интервју за „Локално“, претседателот на АДКОМ Пеце Милевски вели дека зголемените цени на електричната енергија и горивата, несомнено ќе ги зголемат цените на комуналните услуги и не ја исклучува можноста дел од ЈКП да не ја извршуваат својата обврска.

„Процентот на зголемувањето на цената на услугите кај секое ЈКП ќе биде различен во зависност од тоа колку се зголемени оперативните трошоци за давање на услугата. Јавните комунални претпријатија ги информираа и локалните и централните власти дека како резултат на зголемените оперативни расходи и неможноста да се покријат трошоците за истите, можно е голем дел од ЈКП да имаат проблеми во давањето на комуналните услуги на граѓаните“, истакнува тој.

Најпогодени од зголемените трошоци според него се прептријатијата за прочистување отпадни води  како и тие кои собираат отпад. Во однос на тоа дали голем дел од актуелните негативни последици можеа да бидат избегнати доколки директорите на комуналните претпријатија имаа поголем менаџерски капацитет а помалку партиска припадност, Милевски е дециден дека давањето на комуналните услуги и реформите низ коишто тие поминуваа и поминуваат се процес во кој свое влијание имаат не само капацитетите на директорите на ЈКП, туку и поставеноста на секторот за комунални дејности и капацитетите на актерите од централната и локалната власт“.

„Не помалку значајни се и реалните состојби со достапноста на човечките ресурси и ниските примања на вработените во најголемиот дел од комуналниот сектор”, посочува претседателот на АДКОМ.

Побаравте помош од Владата предупредувајќи дека во спротивно, комуналните претпријатија ќе ги покачат цените. Дали ве контактираа од таму? Дали веќе преговарате  за помош и каква?

На почетокот сакам да појаснам дека Јавните комунални претпријатија не се тие кои ги покачуваат цените. Она на што ЈКП предупредуваат е дека со цел да се имплементираат политиките на Владата во однос на давањето на квалитетни и достапни комунални услуги врз основа на цени кои ќе ги одразуваат оправданите трошоци на работењето на ЈКП, во услови на зголемените трошоци во оперативното работење, несомнено ќе предизвика потреба локалните самоуправи да ги зголемат цените на комуналните услуги. Исто така сакам да напоменам дека во областа на комуналните дејности, политика и на централната и на локалната власт е примената на начелото „загадувачот плаќа, корисникот плаќа и трошоци на ресурсот“, што би влијаело врз приближувањето на цените до прагот на достапност на услугите. Ова значи дека во давањето на комуналните услуги ЈКП не се изолирани и самостојни актери, туку сите нивоа на власта, и централната и локалната, и ЈКП како даватели на услугите, формирани од единиците на локална самоуправа, се партнери во обезбедувањето на квалитетни и достапни комунални услуги.

Во неколку наврати АДКОМ се обрати до централната власт за надминување на тешкотиите во оперативното работење како резултат на зголемувањето на висината на оперативните трошоци, пред се зголемените цени на електричната енергија, горивата и нарушувањата во ланците на снабдување.

Од владата на крајот на јули добивме информација дека овие прашања ќе бидат разгледани и за истите е задолжен г. Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции. Очекуваме во наредните денови да се реализира најавената работна средба. Сакам да ги информирам  читателите дека покачувањето на цените не зависи директно од Јавните комунални претпријатија. Во формирањето на цената значајно влијание има проценката на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги. Кај сите претпријатија цените на комуналните услуги се различни. Сакам да напоменам дека најголем дел од тарифите се одредени пред или на почетокот на кризата. Цената на електричната енергија, репроматеријалите, горивото, во споредба пред кризата се значајно зголемени, што директно ќе влијае на зголемувањето на цените на комуналните услуги. Процентот на зголемувањето на цената на услугите кај секое ЈКП ќе биде различен во зависност од тоа колку се зголемени оперативните трошоци за давање на услугата.

Црвениот аларм кај граѓаните дека почнуваат да се реализираат предупредувањата за поскапување на услугите за сите комунални услуги го вклучи ЈП Охридски Комуналец со најавата за нови цени. Дали треба да стравуваме од ваков ценовен шок од сите комунални претпријатија и  колкаво може да биде поскапувањето?

-Сведоци сме дека цените на голем дел производи и услуги значајно се зголемени. Претходно споменав дека одлуката за зголемувањето на цените на комуналните услуги и кога тоа ќе се случи зависи од сите инволвирани страни на централно ниво. Јавните комунални претпријатија ги информираа и локалните и централните власти дека како резултат на зголемените оперативни расходи и неможноста да се покријат трошоците за истите, можно е голем дел од ЈКП да имаат проблеми во давањето на комуналните услуги на граѓаните. Овде би сакал да се задржам на зголемувањето на свесноста за значењето на комуналните услуги кај сите инволвирани страни, за да се добие квалитетна комунална услуга неопходно е да се формираат цени кои ќе ги одразуваат оправданите трошоци на ЈКП. Што се однесува за цените за отпад, истите кај најголемиот број на претпријатија не се променети од пред дваесет и повеќе години, што значи дека и пред кризата овие цени не ги покриваа трошоците за оперативно работење.

Кои комунални претпријатија се соочуваат со најголеми проблеми предизвикани од зголемените трошоци за електрична енергија, и кои се последиците во однос на квалитетот на нивните услуги?

-Најпогодени од зголемените трошоци за електрична енергија се ЈКП кои  имаат голем број на пумпни станици, ја прочистуваат суровата вода, вршат препумпување на отпадните води, и кај сите кои ги прочистуваат отпадните води. Секако, покрај зголемените трошоци за електрична енергија, зголемените трошоци за гориво директно влијаат врз квалитет на услугата собирање на отпад.

АДКОМ побара интервенција од страна на Владата, најмногу во форма на евентуални субвенции. Еден од предлозите е и да се размисли за регулирање на една тарифа за јавните претпријатија кои што вршат водоснабдување и одведување на отпадни води односно пречистителни станици. Какви алтернативи се спроведуваат во земјите во регионот, и која според Вас би била најпродуктивна кај нас?

-Кризата со енергенсите е глобална криза и ние може да се каже дека сме жртви од последиците на таа глобална криза. АДКОМ, свесен дека работењето на ЈКП во услови на криза не зависи само од капацитетите и напорите кои ги прават претпријатијата во давањето на услугите, се обрати до Владата за заеднички мерки и активности, со цел да се обезбеди непрекинато и достапно за граѓаните давање на комуналните услуги.

Евентуалното зголемување на цените на услугите ќе значат дополнителен удар врз џебот на и онака осиромашените граѓани. Колкав е ризикот од намалување на процентот на наплата во вакви услуги? Во кои региони во државата комуналните претпријатија имаат најголем проблем во прибирање на наплатата и колкави се долговите?

-Процесот на зголемување на цените на комуналните услуги како што споменав е резултат на политиките и преземените чекори од повеќе актери. Една од целите кои ги има одредено државата е обезбедување на достапност на комуналните услуги. На пример, за водните услуги ова значи обезбедување вкупната цена на водните услуги за просечно домаќинство да биде достапна имајќи ги предвид вкупните приходи во домаќинства во подрачјата каде се обезбедува водната услуга. Во случајот за водните услуги од страна на регулаторната комисија препорачано е горната граница на цената на водните услуги да не надминува 3% од просечниот приход. Постојните цени кај најголемиот дел од претпријатијата се далеку под границата на достапност од 3%. Имајќи го предвид сето погоре кажано очекуваме дека корисниците ќе продолжат да ги плаќаат сметките за добиените комунални услуги, со оглед дека овој приход е клучниот извор на средства кои им овозможува на јавните комунални претпријатија непрекинато давање на услугите.

За локалната самоуправа покачувањето на цената на електричната енергија е предизвик на кус рок. На долг рок тоа се недоволно развиената инфраструктура и наталожените проблеми.Дали можеби голем дел од актуелните негативни последици можеа да бидат избегнати доколку во сите изминати години директорите на комуналните претпријатија покажаа поголем менаџерски капацитет, а помалку партиска припадност?

Предизвиците коишто стојат пред сите актери во обезбедувањето на непрекинати, квалитетни и достапни комунални услуги, и на краток и на долг рок, се мошне комплексни и без активна вклученост, соработка и креирање синергии ќе биде многу тешко да се постигнат поставените и краткорочни и долгорочни цели. Сакам да укажам дека давањето на комуналните услуги и реформите низ коишто тие поминуваа и поминуваат се процес во кој свое влијание имаат не само капацитетите на директорите на ЈКП, туку и поставеноста на секторот за комунални дејности и капацитетите на актерите од централната и локалната власт. Не помалку значајни се и реалните состојби со достапноста на човечките ресурси и ниските примања на вработените во најголемиот дел од комуналниот сектор.

Колку целата ситуација може да ја обремени и “искричењето’’ помеѓу централната и локалната власт? Последниот ваков пример беа општините каде градоначалниците користеле улично осветлување по цена за домаќинства. Дали е крајно време да се седне на маса и да се изнајде заедничко прифатливо решение во интерес на граѓаните?

Да резимирам, никакви „искричења“ туку соработка и синергија помеѓу централната и локалната власт може да обезбеди непрекинато квалитетно и достапно давање на комуналните услуги. АДКОМ започна повеќе иницијативи за ефектуирање на оваа соработка во интерес на корисниците на комуналните услуги и се надеваме дека во наредните неколку дена ќе бидат реализирани конкретни чекори во оваа насока.

Слични содржини