Мило Ѓукановиќ: Ние се враќаме!

од Milan1

Најголем интерес на Црна Гора е да добие одговорна влада и ДПС ќе обезбеди поддршка за малцинската влада, со одредени разумни политички услови“, вели претседателот на Црна Гора и ДПС, Мило Ѓукановиќ.

– Ќе ја поддржиме секоја влада која ќе го зачува граѓанскиот и секуларниот карактер на Црна Гора, ќе промовира мултиетничка демократија и ќе придонесе за динамичен економски развој, со што Црна Гора како демократски и економски развиена земја во блиска иднина ќе биде дел од Европската унија, рече Ѓукановиќ.

Тој оценува дека неговата земја сега е „во процес на консолидација на власта“ и дека нејзин најголем интерес е што поскоро да добие одговорна влада.

„Нема да учествуваме во владата“

Ѓукановиќ потсети дека неговата партија, Демократската партија на социјалистите (ДПС), понудила поддршка за малцинската влада и по минатогодишните избори, сметајќи дека „ќе биде многу опасно за Црна Гора ако владејачката коалиција стане толку зависна од големосрпскиот национализам“.

Според Ѓукановиќ, претходната влада се состоела од три коалиции, „од кои едната е јасно профилирана големосрпска коалиција и мислевме дека доколку ја одреди државната политика, тоа ќе биде многу опасно за Црна Гора“.

– Денеска велиме: Подготвени сме да ја поддржиме малцинската влада, односно коалициите кои имаат граѓански карактер, кои сакаат да и помогнат на Црна Гора да се движи кон Европа, ние сме подготвени да ја поддржиме таа влада и нема да учествуваме во неа. Очигледно беа потребни 14 месеци вакво неуспешно искуство за сега да се вратиме на тој предлог, вели Ѓукановиќ.

– Беше потребно време да се разбере дека секоја промена не значи промена на подобро. Промената може да биде полоша. Црна Гора сега претрпе една нагорна промена. Но, тоа не значи дека ДПС автоматски се враќа на власт, ниту пак дека ќе се врати истата, како што ја напушти власта. Многу правилно ја сфативме пораката на гласачите, напорно работевме изминатава година да ги отстраниме слабостите, да ја реформираме партијата, вели Ѓукановиќ и заклучува:

– Мислам дека Црна Гора научи уште една лекција и дека сега, по ова искуство, ќе носи попаметни одлуки за својата иднина.

Враќање на ДПС?

Зборувајќи за партијата што ја предводи, Ѓукановиќ оцени дека ДПС во изминатите 14 месеци покажала дека може одговорно да се занимава со политика и од опозицијата.

– Мислам дека благодарение на нас, благодарение на државотворната опозиција, Црна Гора успеа да одолее на офанзивата на Белград.

За плановите на Демократската партија на социјалистите, Ѓукановиќ вели:

– Ние веруваме во себе, во реформите што ги спроведовме во партијата и ќе се вратиме, во тоа нема сомнеж. Дали ќе биде сега? За една година, две, три? Нема потреба брзање… Но, одговорност покажуваме и од опозициските клупи.

Слични содржини