Милошоски: Мукоски ги зема тендерите, а го викаа терорист

од Aleksandar Todeski

Пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, побара од претседателот на Собранието, Талат Џафери да пуштел уште една аудио снимка во која, како што рече, се слушал гласот на лицето З.З.

Џафери пак, му возврати дека пленарната седница не е место каде што се објавуваат аудио разговори и го повика ако има нешто да го адресира во надлежните институции. Откако собранискиот спикер не му дозволи да пушта разговори, тој извади фотографија, на која пишуваше „Рене, Оли, Боки, Рекет“.

„Пред некој ден објавив аудио каде што Зоран Заев знаел за старечките домови, за Рекет, па потоа, откако беше објавен случајот во јавноста, тој се правеше дека прв пријавил, иако за тоа немаше никаков записник. Имаше уште еден легално снимен разговор, каде што се споменува лицето Милевка од Радовиш“, рече Милошоски.

Тој обвини дека поради таквите случаи, власта сака да го донесе Законот за Јавно обвинителство. Го спомена и пратеникот Крсто Мукоски, дека наводно бил обвинуван од власта, а потоа му давале тендери.

„Го нарекуваа терорист. Не знам дали го смениле мислењето, но очигледно е дека тендерите се поважни од употребата на Јавното обвинителство, на селективен начин. Дел од луѓето на кои тој им ја отвори вратата се во затвор и нивните деца немаат татко како што неговите имаат. Затоа Мукоски одлучи да ги изневери граѓаните кои го гласале“, рече Милошоски, кој рече дека министерката Радмила Шекеринска три пати била на вечера кај првоосомничениот во „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13, а најмалку еднаш била заедно со второосомничената, Катица Јанева.

Му реплицираше министерката за правда, Рената Дескоска, која рече дека нема никаква снимка, велејќи дека требало да ја земе снимката од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој на голем видео-бим честитал роденден на 1ТВ.

„На комисијата пуштивте обична петарда без никакво значење, а не бомба. Она што го гледаме е вашиот срам, вашата желба да не се донесе Законот за Јавно обвинителство. Вчера цел ден стоеше анализа што ќе произлезе од носење на Законот за ЈО, а ќе ви ја цитирам реченицата од вашиот партиски сајт, каде велите дека решение за овој циркус е поништување на Законот за СЈО. Сега поднесовме Закон со кој што нема да замре ниедна постапка. Очекувам 80 пратеници кои сакаат владеење на право ќе го поддржат законот“, рече Дескоска.

А.Т.

Слични содржини