Министерство за здравство: Обезбедена е современа биолошка терапија за пациентите со малигни заболувања

од Nikola Popovski
Министерството за здравство информира дека за пациентите со малигни заболувања, инфламаторни и автоимуни болести, од минатата година, обезбедена е современа биолошка терапија, која придонесува за зголемување на успешноста во лекувањето и значително подобрување на квалитетот на живот.
За таа цел, Министерството за здравство, како што наведуваат во соопштение, со централизирана набавка обезбеди 30 нови видови биолошки лекови за третман на рак на дојка, рак на бели дробови, метастазиран меланом, хематолошки болести, лимфоми, мултиплекс склероза, ревматоиден артритис, васкулитис и други заболувања, со кои се опфаќаат голем број пациенти.
-Иновативната биолошка терапија е достапна за сите пациенти во нашата држава на кои им е неопходна. Овие лекови делуваат така што поттикнуваат малигното заболување да се трансформира во хронично, со кое пациентите ќе може да живеат како со секое друго хронично заболување. На тој начин терапијата го продолжува, но истовремено и го подобрува и квалитетот на животот, појаснуваат од Министерството за здравство.
Оттаму додаваат дека оваа биолошка или таканаречена иновативна терапија е дел од стандардните протоколи во европските земји, а се користи во раните фази на болеста, но и кога станува збор за понапредна фаза. Сега постојат многу прецизни дијагностички анализи, како геномското профилирање на туморите, со кои прецизно се одредува дали одреден пациентот ќе има полза од одредена таргетирана и биолошка терапија, за да може полесно да се насочи и модифицира третманот.
-Министерството за здравство води вистинска грижа за здравјето на секоја жена. Оттсега, пациентките имаат можност за двојно читање на мамографските слики од двајца независни читачи-радиолози. Тие треба да имаат искуство од читање на мамографии од минимум 800 пациенти, стои во соопштението.
Во Клиничката болница во Битола, истакнуваат, е формиран Центар за дојка. каде пациентките можат на едно место да направат мамографија, ехо преглед и магнетна резонанца.
Исто така, информираат од МЗ, првпат е обезбедена и психолошка поддршка на онколошките пациенти,која е значајна и најважна за успешно лекување на болестите.

Слични содржини