Министерството на Груби се всели во зграда која ја изградивме уште во 2017, велат од ВМРО-ДПМНЕ

од Nikola Popovski

„Можеме само да замислиме колку децении ќе им требаат да изградат нова“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, по повод вселувањето на Министерството за политички систем во новата владина зграда, што ќе биде пуштена во употреба денеска и се наоѓа во близина на Македонскиот народен театар.

Според нив, зградата во која денес се всели министерството за политички систем е започната со градба во 2015 година, а беше спремна за вселување уште 2017 година. СДСМ чекаше буквално 4 години, можеби со мисла дека народот ќе заборави дека истата е градена во време на ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ од инает не влегуваат во нови згради, затоа што тие се градени од ВМРО-ДПМНЕ, а од инаетот на СДСМ страдаат вработените во институциите, граѓаните и буџетот.

Tоа што ВМРО-ДПМНЕ го изгради, Заев не може да го искречи.

Власта плаќа кирии за стари објекти, повеќе пари за греење и други трошоци затоа што Заев не може да се помири со фактот дека ништо не направил.

Четири години имаме општа стагнација, но и после 4 години единствено добра работа што е направена е направена од ВМРО-ДПМНЕ“, велат од најголемата опозициска партија.

Првиот вицепремиер Артан Груби денеска објави на Фејсбук фотографија од својата нова канцеларија, во објект што досега го користела Службата за општи и заеднички работи на Владата, а кој од неодамна му е доделен во трајно користење на новото Министерството за политички систем, со кое прв раководеше Садула Дураки од ДУИ.

Владата кон крајот на минатиот месец донесе одлука со која Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците ги добива на трајно користење и без надомест деловните простории со вкупна површина од 5 302 квадратни метри. Со тоа престанува правото на користење што досега го имала Службата за општи и заеднички работи на Владата.

Слични содржини