Министерството за финансии демантира: Нема да се зголеми ДДВ-то и персоналниот данок

од Nikola Popovski

Откако министерот за финансии, Фатмир Бесими синоќа изјави дека Владата има план за зголемување на даноците, вклучително и ДДВ, но и персоналниот данок, денес Министерството за финансии објасни дека изјавата на Бесими се однесува на зголемување на уделот, кој општините го добиваат од наплата на ДДВ-то и од персоналниот данок, како трансфери од централен буџет, а не на стапките на ДДВ и персонален данок.

„И самиот автор на емисијата „Економски магазин“ Горан Теменугов преку социјалните мрежи посочи: „поради мала непрецизност објавена на веб-страната на „Алсат“, каде што стоеше дека ќе се зголемува ДДВ и персоналниот данок, дојде до забуна во јавноста. Информацијата се однесува на зголемување на тоа колку општините ќе добиваат од собраниот ддв и персоналец, а не на зголемување на даноците. Значи, ќе се зголеми процентот што ќе го добијат општините, а не даноците. Јас се извинувам за непрецизноста и во иднина ќе се потрудам да не се повтори ваков пропуст…

Во рамки на реформата за унапредување на фискалната децентрализација, за која претходно и министерот за финансии и Министерството за финансии ја информираа јавноста, се предлагаат три столба – подобрување на фискалниот капацитет на општините, домаќинско и отчетно работење и зголемување на транспарентноста“, стои во соопштението на МФ.

Според нив, кај првиот столб се предлага зголемување на уделот кој општините го добиваат од наплатата на персонален данок, како и постепено зголемување на стапката на дотација од наплатениот ДДВ, според перформансот на општините. Имено, планирано е формирање два фонда: Фонд за перформанси за општините коишто покажуваат позитивни резултати и имаат повисока реализација на сопствените приходи и Фонд за изедначување за општините коишто имаат пониски приходи, но истите покажале фискален напор и добри резултати во прибирањето на сопствените приходи.

Бесими вчера рече дека ова ќе започне да се реализира од 2022 година, за да продолжи во 2023, 2024 година и во зависност од процентот во 2025 година.

Слични содржини