Министри за надворешни на шест земји членки на ЕУ бараат почнување на преговори со Скопје и Тирана

од Vladimir Zorba

Во писмо до претседателот на Европската комисија, министрите за надворешни на шест земји членки на ЕУ се согласуваат дека методологијата на преговорите за членство може да се подобри, но инсистираат проширувањето да остане опиплива перспектива и Северна Македонија и Албанија да добијат зелено светло за преговори во март.

Писмото е своевиден одговор на „нон-пејперот“ на Франција во кое се бара од Советот на ЕУ до јануари да и нареди на Европската комисија да почне да изготвува нова методологија за преговорите со земјите кандидати, под изговор дека сегашниот процес не е доволно ефикасен, премногу е бавен и технички.

Потписниците на писмото се министрите од Австрија, Чешка, Словачка, Словенија, Италија и Полска.

Министрите потсетуваат дека ЕУ треба да се држи до ветувањата дадени во 2003 година во Солун на сите земји од Западниот Балкан и дека таа перспектива е главен мотивирачки фактор за регионот, давајќи го како пример „историскиот Преспански договор“.

– Минатиот месец, ЕУ не постигна консензус за отворање на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија. Во време кога славиме триесетгодишнина од падот на железната завеса кој ја отвори ерата на обединување на Европа, повторуваме дека консолидацијата на Европа не може да биде целосна без Западниот Балкан, пишуваат шесте земји членки.

За нив „нема сомнеж“ дека и безбедноста и реформскиот процес во регионот се гарантирани преку интеграцијата во ЕУ, но согласни се дека тој може да биде подобрен.

– Вистина е дека сегашниот пристапен процес на западниот Балкан напредува бавно и на нееднаков начин. Од таа причина сме подготвени да се ангажираме конструктивно во напорите за подобрување на овој процес. Тоа ќе го сториме доколку оваа задача се води на ефикасен начин, со цел да вроди со резултат и доколку и овозможи на ЕУ да постигне консензус за отворање на пристапните преговори во март 2020.

Министрите ја повикуваат ЕК до јануари да изготви конкретни предлози за подобрување на ефикасноста на процесот.

Во писмото се потсетува дека само полноправно членство во ЕУ за западниот Балкан е одржливо решение и дека процесот мора да продолжи без одлагање.

Слични содржини