Министрите на ЕУ без одлука за санкции за насилството во Белорусија

од Vladimir Zorba

Министрите за надворешни работи на ЕУ на состанокот во Брисел денес не постигнаа консензус за воведување санкции како одговор на насилството во Белорусија по претседателските избори во земјата.

Лидерите на ЕУ, кои ќе се состанат во Брисел на крајот на неделава, се очекува да постигнат согласност за политички став за можните санкции, според Советот на ЕУ.

„Ние не го признаваме легитимитетот на (претседателот Александар) Лукашенко, ниту резултатите од изборите, за кои сметаме дека се фалсификувани“, рече министерот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел.

Како претседател на Советот на ЕУ, Борел истакна дека, и покрај неможноста да се постигне консензус за воведување санкции, министрите на ЕУ се солидаризираат со народот на Белорусија во нивните демократски барања и бараат нови слободни и фер избори под надзор на ОБСЕ.

„Ние сме многу импресионирани од одлучноста и истрајноста на белорускиот народ, и покрај бруталната репресија невидена со години. Ние го поддржуваме народот на Белорусија слободно и демократски да го избере својот лидер и иднината на нивната земја“, рече Борел.

По состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки, шефот на дипломатијата на ЕУ рече дека ЕУ нема „скриена агенда“ и не сака да се меша во внатрешните работи на Белорусија.

„Ние само сакаме да ги поддржиме луѓето кои бараат политички систем што ќе им овозможи да ја изберат својата влада. Ние бараме национален дијалог со цел да се реши сегашната криза “, заклучи Борел.

Тој истакна дека ЕУ ја почитува независноста и интегритетот на Белорусија и ги повика „сите партнери на Белорусија да не се мешаат“ затоа што на народот на Белорусија е да одлучи за својата иднина.

Слични содржини