Министрите на ЕУ ќе му одобрат на Западен Балкан да увезе руска нафта, но постои услов

од Nikola Popovski

Министрите за енергетика на Европската унија, како дел од новиот пакет санкции против Русија, најверојатно ќе ја одобрат и мерката со која земјите од Западен Балкан ќе бидат изземени од ограничувањата поврзани со руската сурова нафта, јавува Радио Слободна Европа.

„За да се заштити енергетската безбедност на Западен Балкан, неопходно е да се предвиди отстапување што ќе овозможи транзит на руска сурова нафта преку гасоводот низ Хрватска, под услов таквиот транзит да остане во границите на просечните нивоа на транзит од претходните години за да се избегне заобиколување (санкции)“, стои во текстот на предлогот за нови мерки, кои ЕУ има намера да ги воведе против Русија, а до кои Радио Слободна Европа имаше пристап.

Оваа одредба се однесува на оние земји од регионот, кои немаат излез на море и кои увезуваат сурова нафта преку Хрватска. За овие мерки и новиот пакет санкции министрите за енергетика ќе разговараат и одлучуваат на вонредна седница што ќе се одржи на 30 септември.

Мерките главно се однесуваат на утврдување на ограничена цена на нафтата, а ќе се одлучи да се забрани транспортот на нафта чија цена ја надминува договорената ограничена цена што се очекува да ја одреди Унијата.

За време на усвојувањето на петтиот пакет санкции против Русија, во април годинава, ЕУ на сличен начин ја иззема Србија, со што се овозможи продолжување на непреченото снабдување со нафта на домашниот пазар преку Јадранскиот гасовод (ЈАНАФ).

За време на дискусијата, министрите за енергетика на ЕУ ќе одлучат и за мерки на претпазливост поврзани со неочекувани профити на енергетските компании. На истата средба ќе се разговара и за ограничување на цената на гасот. Блокот од 27 земји-членки преговара за мерките предложени од Брисел минатата недела за да се обиде да го спречи скокот на цените на енергијата што поттикнува рекордно висока инфлација и се заканува со рецесија.

Договорот предвидува сите земји на ЕУ да наметнат данок на вишокот профит на компаниите за фосилни горива остварени во 2022 или 2023 година и да го вратат приходот што евтините производители на електрична енергија го добиваат од огромните трошоци за електрична енергија.

Слични содржини