Министрите за одбрана на САД и Русија разговараа за соборувањето на американскиот дрон

од Stefanija Kuzmanovska

Министрите за одбрана на САД и Русија, Лојд Остин и Сергеј Шојгу телефонски разговараа за соборувањето на американското беспилотно летало над Црното Море, што ги донесе двете земји најблиску до директен конфликт од почетокот на руската инвазија на Украина пред една година, јавуваат агенциите.

Тоа беше првиот телефонски разговор меѓу Остин и Шојгу од октомври минатата година, потсетува „Гласот на Америка“ (VOA).

„Само што разговарав со мојот руски колега, министерот Шојгу“, рече Остин на синоќешниот брифинг со новинарите во Пентагон. „Како што повторив многу пати, важно е големите сили да постават пример за транспарентност и комуникација, а САД ќе продолжат да летаат каде тоа го дозволува меѓународното право“.

Американската војска соопшти дека самата го соборила беспилотно летало MQ-9 Reaper во морето, откако руски борбен авион го погодил неговиот пропелер додека летал во меѓународниот воздушен простор. Русија негира дека го предизвикала инцидентот.

Од Москва порачаа дека инцидентот уште еднаш докажува дека Вашингтон е директно вклучен во конфликтите, а Русија ги предупреди САД да се држат „подалеку од нејзиниот воздушен простор“.

Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс изјави за MSNBC дека соборувањето на беспилотното летало пресретнато од руски авиони најверојатно е ненамерен чин од страна на Русија.

„САД ќе продолжат да летаат секаде каде што тоа го дозволува меѓународното право“, рече американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на виртуелниот состанок со министрите за одбрана на земјите кои ја поддржуваат Украина во отпорот на руската инвазија.

„Должност на Русија е да управува со своите авиони на безбеден и професионален начин“, им рече Остин на колегите на состанокот организиран од Пентагон. Тој додаде дека соборениот американски дрон MQ-9 извршувал „рутински операции“ во меѓународниот воздушен простор, кога два руски ловци „примениле опасни, несовесни и непрофесионални практики“.

„Оваа опасна епизода е дел од агресивни, ризични и небезбедни акции на руските пилоти во меѓународниот воздушен простор“, рече Остин.

Русија инсистира на тоа дека нејзините авиони не собориле американско беспилотно летало, туку дека тој се урнал за време на средба со руски борбен авион што го пресретнал над Крим, и го предупредува Вашингтон да остане надвор од нејзиниот воздушен простор.

Слични содржини