Минск ја обвинува Тихановскаја за тероризам

од Vladimir Zorba

Започнувајќи кривична истрага против Светлана Тихановскаја и одметнатите воени лица од здружението БИПОЛ за подготвување терористички напад, Александар Лукашенко реши да изврши притисок врз државите кои ја поддржуваат опозицијата во уривањето на неговата влада. Доколку белоруското обвинителство ја утврди нивната вина и нема сомнеж дека тоа ќе го стори, земјите во кои се наоѓаат овие лица ќе добијат барање за нивна екстрадиција по меѓународна потерница за тероризам. Иако литванските власти веќе рекоа дека ќе „замрзне пеколот“, пред да ја екстрадираат Тихановскаја, белоруските власти одлучија да продолжат да вршат притисок врз земјите домаќини на опозиционерите, од кои тие охрабруваат продолжување на демонстрациите. Според Лукашенко, тоа се Литванија, Полска и Украина.

Пред неколку дена, за време на протестот за Денот на слободата, полицијата пронајде експлозивна направа во канта за отпадоци во Минск, а има и сведок кој на државната телевизија потврди дека се планирало да експлодира за време на демонстрациите, како и во некои други градови. Главниот обвинител Андреј Швед за белоруските медиуми изјави дека добиле и потврда со која се документира сознанието дека организаторите планирале да ги обвинат властите за терористички напад што ќе предизвика човечки жртви на митингот.

На состанокот на белорускиот совет за безбедност, Лукашенко рече дека разни сили, пред се однадвор, навистина сакаат да ја „загреат“ ситуацијата во Белорусија. Тој, на основа на информации на безбедносните служби, истакна дека оние што наредиле да се поттикнуваат антивладини протести се промениле, затоа што групите што досега повикуваа на демонстрации во Минск и ги водеа, се откажале. Белорускиот претседател, кој е во шестиот претседателски мандат, тврди дека сега се појавиле порадикални групи и дека станува збор за БИПОЛ, кој вклучува 10 до 15 поранешни воени лица кои се во Полска.

Минатата среда, ден пред Денот на слободата, прогласен во 1918 година, Тихановскаја ги покани симпатизерите на опозицијата во Белорусија да се приклучат на „вториот бран протести“. Таа најави дека обновените демонстрации, во комбинација со дипломатскиот притисок од Западот, ќе го принудат Лукашенко да се согласи на мирна политичка транзиција и нови избори. Немаше поголеми улични акции на митингот во Минск во четвртокот, но, според невладината организација „Пролет“, повеќе од 200 лица се приведени, заедно со уште неколку стотици за време на саботниот протест. Политичките аналитичари забележуваат дека луѓето во Белорусија се исплашени и разочарани од недостатокот на брза победа и дека многумина или се откажале или биле уапсени.

Организацијата БИПОЛ во средата од Полска објави дека белоруските безбедносни сили подготвуваат терористички напад во една од зградите на телата за внатрешни работи за Денот на слободата со цел да го дискредитираат движењето на протестите. Засега е невозможно со сигурност да се утврди кој кого спречил во обвинувањата за тероризам. Добро е што немаше човечки жртви, но очигледно е дека конфликтот меѓу Минск и оние кои ја поддржуваат опозицијата прерасна во опасни акции што веќе беа видени во соседна Украина. Откако пропадна обидот за генерален штрајк, белоруските безбедносни власти применија „превентивни апсења“ и најавија кривични пријави, така што протестите стивнаа.

Тихановскаја од Литванија се обидува да го задржи прашањето за уривање на белоруската влада на агендата на европските лидери, а сега е фокусирана на патување во Вашингтон и посета на Џо Бајден, кој како кандидат на претседателските избори изрази поддршка за опозицијата. Пред претседателските избори во август, тогашниот државен секретар Мајкл Помпео го посети Минск, што беше прва посета на американски функционер од 1994 година. Во тоа време, тесните врски на Лукашенко со Русија ослабнаа, а обвини и некои руски сили дека работат на уривање на неговата влада. Беше договорена и размена на амбасадори, а американскиот Сенат потврди дека дипломатот од кариера Џули Фишер оди во Минск како амбасадор по повеќе од 10 години. Амбасадорката сè уште не отпатувала во Минск, но се состанала со Тихановскаја во Вилнус. Опозиционерката тогаш го поздрави присуството на американски амбасадор во Минск, но под услов да не ги предаде акредитивните писма на Лукашенко. Во февруари Стејт департментот воведе санкции за 43 белоруски функционери, вклучувајќи го и самиот Лукашенко.

Тихановскаја објави дека нема намера да преговара со Лукашенко, кој сега спроведува уставни измени во земјата, но е насочена кон воспоставување контакти со луѓе во владата кои ја поддржуваат опозицијата. Тие, наводно, веќе воспоставиле тајни контакти со луѓе во Министерството за надворешни работи и полицијата, кои им даваат информации и видео записи за тортура и насилство врз граѓани. Тихановскаја тврди дека во моментов во Белорусија има 290 политички затвореници, вклучувајќи го и нејзиниот сопруг, блогерот Сергеј, наместо кого се кандидираше на изборите, и дека повеќе од 2.500 активисти, демонстранти и новинари се соочуваат со кривични пријави.

Слични содржини