МИСТЕРИОЗНА РАНА: Нови снимки од Северна Кореја ги запрепастија експертите: „Што има на главата на Ким?“

од Stefanija Kuzmanovska

Темна флека, понекогаш покриена со голем фластер, беше забележана на задниот дел од главата на Ким Јонг Ун (37), што предизвика уште повеќе шпекулации за неговата влошена здравствена состојба.

Медиумите ова прво го забележаа на воената парада кон крајот на јули, а за здравјето на севернокорејскиот владетел се зборува откако тој видливо ослабе на почетокот на оваа година, а неговиот костум почна да му виси од рамената.

Во јуни, државната телевизија емитуваше необичен извештај во кој се прикажува маж кој вели дека Ким изгубил многу килограми и дека сите почнале да плачат кога ги виделе неговите нови фотографии.

Бидејќи имиџот на Ким се култивира и обликува преку државните медиуми, емитувањето на таква снимка беше потег без преседан, но служеше за да ги разбуди симпатиите на луѓето по големата криза што ја зафати земјата поради пандемијата на коронавирус.

Ким се сретна со музичари на 11 јули и тогаш немаше ништо слично на неговата глава, пишува „НК Дејли“.

И во 2020 година, Ким се појави во јавноста со чудни темни траги на својот зглоб. Експертите тогаш тврдеа дека тоа е местото на пробивање на иглата по операцијата на срцето.

Здравјето на Ким е предмет на меѓународна дебата со години, бидејќи неговата смрт ќе го постави прашањето за наследството и стабилноста на таа нуклеарна сила.

Имено, севернокорејскиот лидер во моментов нема јасен наследник и ситуацијата во таа земја во однос на власта и одлучувањето може дополнително да се комплицира доколку умре или поради некоја друга причина не е во состојба да ја извршува својата должност.

Би-Би-Си пишува дека сестрата на Ким – Ким Јо-Јонг не се смета за кандидат за преземање на власта и дека може да се случи Северна Кореја по Ким Јонг-ун да биде предводена за прв пат во историјата од некој што не е член на Ким семејство.

Ким е познат како страстен пушач, а оние што го следат велат дека севернокорејскиот диктатор се бори со проблеми кои произлегуваат од неговата тежина и начин на живот. Наводно, тој консумира алкохолни пијалоци во големи количини, а има и извештаи за неговата прекумерна консумација на… сирење.

Претставници на јужнокорејските разузнавачки служби минатата година им рекоа на членовите на јужнокорејскиот парламент дека веруваат дека Ким е тежок 140 килограми и дека просечно се здебелувал од шест до седум килограми секоја година од 2011 година. Најновите фотографии објавени од државната новинска агенција КЦНА покажуваат дека изгубил, се шпекулира, меѓу 10 и 20 килограми.

Покрај операцијата на срцето, Ким имал и циста на глуждот, а Би -Би -Си пишува дека претходно се шпекулирало дека Ким боледува од дијабетес или гихт.

Неговиот татко Ким Јонг-Ил и дедото Ким Ил-Сунг, исто така, беа дебели и страсни пушачи, и двајцата починаа од срцев удар.

Слични содржини