Мицевски со крик кон Реџепи: Ајде заедно да ја урнеме владата

од Берта Китинска

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски преку својот Фејсбук профил  лично се обрати до својот колега од Алтернатива, Скендер Реџепи кој најави дека поради Левица го повлекува потписот од иницијативата за гласање доверба на владата предводена од Заев.

„Колега Скендер ајде заедно да ја урнеме криминалната и од народот делегитимирана влада! Откако во петокот јасно и недвосмислено 61 пратеник се потпишаа на иницијативата за недоверба на владата, хибридниот режим на власта започна со брутална кампања, со многу притисоци, закани и уцени да го гази човечкото достоинство и да го урива кредибилитетот на институцијата македонско собрание.

Колега Скендер Реџепи да го сочуваме достоинството на пратениците и затоа Ве повикувам заедно да ставиме крај на газењето на пратениците од страна на хибридниот режим и согласно член 92 од Уставот, изберете 19 пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кои заедно со вас ќе поднесат нова иницијатива до Собранието за гласање на недоверба на владата на хибридниот режим СДСМ-ДУИ.

Да нема изговори зошто се потпишал овој или оној бидејќи ова е гласање против хибридниот режим на СДСМ-ДУИ. Се надевам дека ќе застанете заедно со мнозинството на пратеници и ќе го сочуваме достоинството на пратеникот и угледот на македонското собрание.Одлуката овој пат е многу поедноставна, овде не се гласа за идеологија, туку вистинското прашање дали ќе дозволиме да продолжи криминалот и корупцијата или заедно ќе ја реформираме нашата заедничка татковина“, вели Мицевски.

Скендер Реџепи, вчеравечер во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, рече дека ВМРО-ДПМНЕ ги добило изборите на нивен грб бидејќи се претставиле како едно поинакво ВМРО.

Сепак, од друга страна вели дека Алтернатива ги изгубиле изборите баш поради оваа коалиција.

„Треба да се разгледаат резултатите од изборите на кои се изгубија 27 илјади гласови поради коалицијата со ВМРО ДПМНЕ“, рече Реџепи-Зејд на ТВ21.

Слични содржини