Мицкоски: Ако лидерот не клекне на колена пред следбениците, не ја заслужува нивната доверба

од desk2

„Ако претседателот и лидерот не клекне на колена пред неговите следбеници, тогаш не ја заслужува нивната доверба“, со овие зборови лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го започна своето обраќање на протестниот марш во Штип. Тој го критикуваше Договорот од Преспа. Го повтори партискиот став дека секој сам треба да одлучи дали ќе излезе на референдум, но ја обвини владата за џабе фрлени пари во кампања.

„Овој референдум, иако намерно збунувачки срочен, не е изјаснување дали сакаме во ЕУ или во НАТО, туку е референдум за тоа дали прифаќате да се промени името на земјата и дали ги прифаќате сите последици што произлегуваат од Договорот. Мора да знаете дека не гласате за европски вредности, затоа што ова е референдум на кој се одлучува дали го прифаќате или не го прифаќате Договорот од Нивици и ништо друго“ – кажа Мицкоски.

Македонија е во опасност, и тоа опасност која доаѓа од налетот на незнаењето, неспособноста и криминогеноста на врхушката на власт, кажа Мицкоски пред своите сопартијци во Штип. Рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да тера партиска агенда туку дебата со аргументи.

„Ќе дојде ден ќе се постави прашањето за одговорност и за тоа како среде центар на град сам си кажува дека поттикнува поткуп и врши притисок на фирми само за луѓето да излезат да гласаат на референдумот. Па нели тоа е еден нечесен однос и потценување на својот народ, ова ли се тие европски вредности на Заев“ – порача Мицкоски.

Пред присутните зборуваше и претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, кој порача дека нема да се дозволи да се уништи вековниот стемеж и да се дозволи бришење на државата.

„Денес во Штип чекориме по патеките по кои во минатото чекореа сите оние кои имаа само една мисла да бидеме свои на своите“ – рече Иван Јорданов, претседател на ОК ВМРО ДПМНЕ, Штип.

Мицкоски уште еднаш го повика премиерот Заев на дебата на која како што вели ќе разговараат во четири очи за сите аспекти од владеењето на СДСМ и тогаш ќе го каже својот став во врска со бојкотот на референдумот./24 Vesti

Слични содржини