Мицкоски бара избори, Ковчаевски и партнерите одговорија: „Избори ќе има во редовниот термин“

од Берта Китинска

По средбата со коалициксите партнери премиерот Димитар Ковчаевски излезе со став дека изборите нема да ги решат проблемите на граѓаните – останува редовниот термин, во 2024тата. Следуваат економски битки за излез од кризата.

Тој кажа дека следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин, во 2024 година. За најавите на ВМРО-ДПМНЕ дека ако нема договор за предвремени избори до крајот на летото ќе го блокираат системот, Ковачевски рече дека уцени не прифаќа. Вели секој може да блокира, но тоа не е одговорно.

-Тие ги блокираа општините откако станаа градоначалници. Во сите градови по првичното фотографирање каде беа промовирани претходни проекти на СДСМ веќе нема ни фотографирање, бидејќи не постојат нови проекти, рече Ковачевски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека е скандал тоа што политички лидери прават состаноци во влада и ја партизираат.

-Лидерите на политичките партии дел од Коалицијата на власта не се владини функционери, ниту министри за да се среќаваат во влада и да држат Коалициони состаноци. Владата е за владини состаноци, на премиерот и министрите, а не за претседателот на СДСМ, Ахмети и нивните Коалициони партнери. Ковачевски покажа дека нема капацитет да води во кризни моменти, и иако знае дека нема знаење да ја извади државата од криза од себични причини не сака избори, само за да остане на власт и да може да краде, велат од партијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски не кажал ниту што мисли за Францускиот предлог.
-Дали Ковачевски мисли дека некој му верува кога вели дека не знае кој е Францускиот предлог или дека не го видел. Во однос на кризите, особено енергетската во делот на струјата оваа влада е најодговорна. Тие правеа криминал во РЕК и ЕЛЕМ, за сега да не се произведува доволно струја, која се покрива со скап увоз. Сиромаштијата која е се поприсутна е вина на СДСМ и ДУИ. Народот плаќа и до 100% поскапа храна. Криминалот, корупцијата и неработата на СДСМ и ДУИ не се решение за Македонија. Предвремени парламентарни избори час поскоро, велат од опозициската партија во реакцијата.

Слични содржини