Мицкоски бара предвремени избори, Заев дециден: „Редовните се во 2024 година“

од Берта Китинска

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ  Христијан Мицкоски, изминативе денови потенцираше дека потребно е што поскоро да има предвремени парламентарни избори и дека власта го нема потребното мнозинство во парламентот.

– Час поскоро треба да се одржат предвремени парламентарни избори бидејќи ова нестабилно, мало, тенко владино мнозинство покажа дека Македонија е хибриден режим, дека е заглавена во корупција и е на 111-то место. Според сите останати други скали на мерења, по број на странски инвеститори, по пад на економија, ние уназадуваме или сме на дното во регионот, изјави Мицкоски.

Треба да престанеме со предвремени избори, тие ги стопираат производствените капацитети, изјави премиерот Зоран Заев, одговарајќи на барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за предвремени парламентарни избори, кои би се одржале и заедно со локалните.

-Ќе повторам уште еднаш дека треба да престанеме со предвремени избори, поради нив се стопира економскиот развој во државата. Имам јасен правец во кој се движиме, а тоа европеизација.Секои предвремени избори се кочење на процесите, редовните се закажани за 2024 година , а дотогаш навистина треба сите почнувајќи од мене  како и граѓаните да ги засукаме ракави и да работиме повеќе, рече Заев.

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека опозицијата преговара со пратеници од владејачките партии и дека наскоро е можно ново парламентарно мнозинство.

Парламентарното мнозинство е стабилно, порача генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.

-ВМРО ДПМНЕ пред се треба да се реорганизира, трансформира, модернизира, за да има позитивен пристап кај граѓаните, за да има коалициски капацитети и за да граѓаните препознаат нешто во нив. Засега ниту нудат луѓе, ниту нудат програма, ниту нудат проекти и се партија заглавени во криминалот, во обвиненијата и сакат да ја кочат земјата. Граѓаните јасно ја пратија порака, вели Николовски.

Слични содржини