„Од она што можам да слушнам од негови пациенти го оценуваат како коректен човек, солиден лекар и знам што значи да се биде лекар и го охрабрувам да се врати на тоа што најдобро што знае, спасувањето на човечките животи, после политичката кариера“, рече Христијан Мицкоски за отвореното студио на Телевизија 24, на прашањето какво мислење има за министерот Венко Филипче како лекар.
„Но, доколку ме прашате за работата на Филипче како министер не можам да ги заборавам тендерите со жолти јаху 24, хациендите на Водно, сомнителните набавки“, дополнува лидерот на опозицијата.
Според него, кога почнала епидемијата на корона, Филипче имал најмал рејтинг меѓу народот.
Тој исто така истакна дека и предложи награди за медицинските лица кои се справуваат со пандемијата.
„Ми замерија дека сум ги поделил докторите, сакаат така да ја гледаат работата во тој моменти имаше многу луѓе кои беа дел од структурата на партијата и тие ми пренесоа сведоштва дека се на маргините и дека може да помогнат. Немојте да ги делите луѓето на оние што критикуваат или не. Јас не сум ги делел докторите на наши и ваши“, смета Мицкоски.
Во врска со изградбата на Клиничкиот центар, тој вели: „Се сложувам со констатацијата кога луѓето велат „наместо да фрлевте 600 милиони за болници, отколку за споменици“, но исто имавме политичари кои велеа дека ќе стават бројчаник на Триумфалната порта и ќе ги донесат парите. Така сега останавме и без Клинички центар и без вратени пари и без многу лекари и медицински персонал кои заминаа“.
Мицкоски призна дека во минатото се правеле грешки.