Мицкоски: Ќе предложам разрешување на Димитровски, такво однесување е недозволиво

од Vladimir Zorba

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на следната седница на Извршниот комитет на партијата ќе предложи разрешување на Томислав Димитровски поради настанот неделава, кога ексамбасадорот репетирал пушка кон негов сосед.

„Томислав е дел од кабинетот, од луѓето во мојот кабинет и одговорен е за релации со земјите од Балканот. Слушнав за настанот, разговарав и со него и она кое што можам да го кажам е дека на следната седница на Извршниот Комитет ќе предложам негово разрешување, бидејќи таков тип на однесување, веќе во неколку наврати кажав, е недозволиво по било која цена“, рече Мицкоски.

Поранешниот амбасадор во Љубљана репетирал пушка и ја вперил кон сосед, за време на расправија во зграда на улицата „Тодор Александров“ во Скопје. Случајот го пријавил неговиот сосед А.Д. откако по кратка вербална расправија, во ходникот на зградата Димитровски извадил автоматска пушка и ја репетирал кон него.

„Полициски службеници веднаш по добивање на пријавата излегле на местото на настанот. Во домот на Т.Д. се пронајдени повеќе парчиња оружје и муниција, кои се одземени. Т.Д. е повикан во полициска станица и со него е извршен службен разговор и се работи на расчистување на случајот“, соопштија од МВР за овој случај.

Слични содржини