Мицкоски најавува активна блокада на Собранието

од Берта Китинска

ВМРО ДПМНЕ најавува парализирање на Собранието и кочење на законите, во обид да се спротистави на, како што велат, штетните политики на Владата предводена од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи седница на Извршниот комитет и ќе предложам како прв чекор после 10 мај да има некаква активна блокада на македонското Собрание, најави лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Со тоа, опозицијата сака да предизвика предвремени парламентарни избори.

„Тоа ќе биде активна блокада на сè, со исклучок на оние закони кои значат повисоки плати или некаква помош за граѓаните“, рече Мицкоски во интервју за ТВ Сител.

Среде криза Мицкоски најавува нови блокади на државата, а СДСМ со граѓаните тоа нема да го дозволи, реагираа од владејачката партија.

„Во услови на криза кога на граѓаните им треба функционално Собрание кое ќе носи закони во интерес токму на најважните, граѓаните, Мицкоски решава да го блокира. Очигледно решил по деструкција и пакост да го надмине и неговиот шеф Груевски. Или токму ова е насоката на Груевски којашто ја спроведува. Законот за Клинички центар, Законот за наставници и стручни сорабтници во основните и средните училишта, Законот за службата во Армијата се само дел од десетиците закони во интерес на граѓаните кои ВМРО-ДПМНЕ ги блокира во Собранието. Ништо друго и не се очекуваше од Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, тие продолжуваат во ист стил, со иста цел – блокада на државата”, велат вечерва од СДСМ.

Слични содржини