Мицкоски пак потврди дека опозицијата нема лидер

од desk4

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и во синоќешното интервју не даде појасни одговори во однос на референдумот. Истражувачите на јавното мислење ги дешифрираат последните трендови во расположението на граѓаните, пишува Дојче веле.

Лидерот на ВМРО- ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за жал, потврди дека македонската политичка опозиција нема водач кој има цврст став за референдумот, макар тој бил за бојкот или за гласање „против“, туку ги потврди сомнежите на голем број критичари на ВМРО-ДПМНЕ дека тој нема да успее да излезе од сенката на поранешниот лидер Никола Груевски, оценува аналитичарот Сефер Тахири, по синоќешното интервју на Мицкоски на ТВ „Телма“. Tри дена пред почетокот на изборниот молк јавноста повторно остана и без јасен одговор за ставот на партискиот лидер за референдумот.

„Ставот ‘граѓаните сами нека донесат одлука како ќе постапат на референдумот’ не е став, туку е бегање од одговорност во клучен историски момент за државата. Сметам, дека ако референдумот биде успешен, а тој како лидер не го повика членството да гласа ‘против’, ќе се соочи со барање на одговорност од него, кое ќе го покренат веројатно голем број членови на оваа партија“, прогнозира Тахири.

Тој забележува дека Мицкоски преку критика на Договорот се обидел да го критикува премиерот Заев, но немал одговор за повиците на меѓународните претставници, како што се Столтенеберг или Меркел, кои повикуваат граѓаните да излезат на референдум.

„Мицкоски, исто така, беше конфузен околу прашањето како ќе гласаат пратениците на ВМРО- ДПМНЕ ако референдумот помине позитивно, иако претходно искажа лидерски став дека ако граѓаните го поддржат референдумот пратениците на оваа партија ќе ги поддржаат уставните измени. Но во интервјуто ја насочуваше новинарката за тоа да ги праша самите пратеници“, забележува Тахири.

Кокетирање со сите

Недоследноста на Мицкоски доживувува критики и во партијата.

„Ставајќи се во позиција да кокетира со сите, тој избра навидум некаква неутрална позиција заради мир во ‘куќата’. Но, токму таа позиција ги прави незадоволни сите: и оние кои сметаат дека тој децидно требало да повика на бојкот, и оние кои мислат дека требало да повика на гласање ‘против’, но и оние кои сметаат дека сега не се рабoти за партиски натпревар туку дека треба да се гласа ‘за’ перспективата на Македонија. Сегашниот став ‘ни ваму, ни таму’, или за ‘големото множество’ од ставови како што тој го нарекува, по референдумот сигурно ќе има реперкусии за партиското водство, бидејќи во зависност од исходот едно ‘подможество’ секако ќе биде незадоволно“, коментираат извори од партијата.

Аналитичарот Владимир Божиновски, има разбирање за ваквата позиција.

„Мицкоски уште еднаш го потврди ставот дека ќе им остави на граѓаните сами да одлучат како ќе постапат, и во согласност со тој став ВМРО-ДПМНЕ не води кампања за ниту една опција. Практично, ВМРО-ДПМНЕ и не може да има друга позиција, бидејќи власта не се обиде да постигне внатрешен компромис со опозицијата во однос на референдумското прашање. Да беше поинаку, сега никој ќе немаше аргументи да бојкотира, туку изборот ќе беше само ‘за’ или ‘против’. Но таа шанса беше пропуштена“, вели Божиновски.

Тој укажува дека важно е да се обезбеди дијалог и разбирање со опозицијата, имајќи предвид дека следи период во кој Собранието мора да изгласа куп закони со двотретинско мнозинство.

Последната анкетата на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) во кој работи Божиновски, спроведена помеѓу 15-ти и 18-ти септември на 1.110 полнолетни испитаници, покажала дека референдумот е под самата граница да го мине потребниот цензус. Според резултатите, 54,3 отсто од граѓаните се изјасниле дека ќе гласаат на референдумот, од кои 43,4 отсто „за“ и 10,9 отсто „против“, а за бојкот се изјасниле 28,7 отсто. Споредба меѓу анкетите на ИПИС од август и септември покажува дека процентот на оние кои ќе гласаат „за“ има пораст само од 0,2 %, а процентот на определените за бојкот пораснал за 6 отсто, односно од 22,7 % во август – на 28,7 % во септември. Двојно е намален бројот на оние кои се изјасниле дека ќе гласаат „против“: од 22 % во август на 10,9 % во септември.Од 12,1 на 17 отсто, односно за 5 проценти пораснала бројката на оние кои „не знаат“ како ќе се изјаснат. Од ИПИС потенцираат дека процентите во анкетата се однесуваат на гласачите со место на живеење во Република Македонија, додека во избирачкиот список се опфатени и голем број граѓани кои во моментов не живеат во земјата. Според нивните податоци за бројот на гласачи со место на живеење во РМ, во моментот на спроведување на истражувањето, на референдумот би гласале околу 42 отсто од граѓаните запишани во избирачкиот список. Со оглед на дозволената маргинална грешка од +/-3 проценти во анкетата, процентот на оние кои би излегле на референдумот заклучно со 18.09.2018 е во опсегот меѓу 39 и 45 отсто од граѓаните запишани во Избирачкиот список.

Висока поддршка за интеграциите

Истовремено, анкетата спроведена од агенцијата „Рејтинг“ по барање на „1 ТВ“ покажала дека поддршката за членството на Македонија во ЕУ и НАТО е во постојан раст. Над 76 отсто од испитаниците рекле дека ги поддржуваат ЕУ-интеграциите. Во однос на Договорот со Грција, 48,6 проценти од анкетираните граѓани одговориле дека не можело да се постигне подобар Договор во иднина, додека пак 33,2 отсто сметаат дека во иднина може да се постигне подобро решение. Повеќе од половина, или речиси 53% сметаат дека Македонија се движи во правилна насока, а 34% не го делат нивното мислење. Мнозинството од анкетираните граѓани смета дека референдумското прашање е јасно и недвосмислено. Со ова тврдење се согласуваат 57,1% од испитаниците, а 32,9% не се согласуваат. Останатите не биле сигурни или одбиле да дадат одговор/ДВ

Слични содржини