Мицкоски: Поддршката за Силјановска Давкова е поддршка за правната држава

од Vladimir Zorba

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во просториите на Државната Изборна Комисија во Општина Карпош се потпиша и даде поддршка на кандидатурата на Гордана Силјановска Давкова за претседател на Република Македонија.

По потпишувањето тој изјави дека на овој начин ја изразува неговата недвосмислена поддршка пред се како колега, како граѓанин на Република Македонија и како претседател на најголемата политичка партија во државата, ВМРО-ДПМНЕ.

– Сведоци сме на секојдневно перманентно кршење на правото и правдината и еден од условите Македонија повторно да заличи на правна држава, на демократска држава е токму победата на претстојните претседателски избори кои ќе се случат првиот круг на 21 април, а вториот круг 5 мај. Јас сум силно убеден дека ВМРО-ДПМНЕ заедно со професорката Гордана Силјановска Давкова, но и со граѓаните на Република Македонија ќе извојува убедлива победа над она што ќе го кандидира Заев, заедно СДСМ и групата која е собрана околу него и практично од тој ден започнува враќањето на правото и правдината во Македонија, рече Мицкоски.

Имаме една актуелна политичка ситуација каде правната држава во Македонија функционира по принципот „дајте ми човек ќе креирам обвинение“, тоа се случува изминатите неколку дена, истакна Мицкоски и додаде дека граѓаните и ВМРО-ДПМНЕ комплетно ја загубиле довербата во правната држава, во обвинителството, во судството.

– Доколку владеачкото мнозинство навистина верува во честитоста на Обвинителството и во независноста на судството, редно е да го исполни барем едно од ветувањата во нивната изборна програма за време на предвремените парламентарни избори во 2016 година, а тоа е јавен обвинител на предлог на опозицијата. Ја користам оваа пригода да го повикам Зоран Заев и Владата да се охрабрат и тоа што го говорат дека немаат замешателство во одлуките на Обвинителството и на судството да го потврдат со тоа што ќе го поддржат предлогот на опозицијата за јавен обвинител. На тој начин ќе покажат уште еднаш дека навистина веруваат во чесни, фер и правични претседателски избори кои следуваат на 21 април и на 5 мај, потенцира Мицкоски.

Тој ги повика граѓаните масовно да го поддржат кандидатот Гордана Силјановска Давкова и на 21 април масовно да излезат и да гласаат за неа и на тој начин, како што рече, да отпочнат да отпишуваат заеднички една нова историја за државата и граѓаните.

Силјановска Давкова, иако е номинирана од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ за кандидат за претседател на Македонија, денеска почна со собирање на најмалку 10.000 граѓански потписи за претседателската кандидатура на 46 локации низ државата, што треба да заврши на 9 март.

Слични содржини