Мицкоски предложил вонреден Конгрес за да си купи уште пола година на чело на партијата?

од Vladimir Zorba

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на синоќешната седница на Централниот комитет дал предлог за одржување на вонреден Конгрес, што бил едногласно одбиен од страна на членовите на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

Се чини дека ваквиот потег на Мицкоски е да обезбеди уште некој период на чело на ВМРО-ДПМНЕ.

Според членот 31 од Статутот на ВМРО-ДПМНЕ право на свикување вонреден Конгрес имаат претседателот на партијата, како и најмалку една половина од членовите на Централниот комитет.

Мицкоски имал право да предложи свикување вонреден Конгрес исто како што и членовите на ЦК имале право да не го прифатат, односно да го одбијат таквиот предлог. Но во истиот член од Статутот јасно е наведено дека во случај предлогот за свикување вонреден Конгрес да не биде прифатен, тогаш барање за поведување на нова постапка за негово одржување на може да се иницира. Исклучок за ова се прави само ако предвреме престане мандатот на претседателот или ако се менуваат целите и задачите на партијата, нешто што е речиси и невозможно да се случи наскоро.

Вонреден партиски конгрес е извесно дека ќе се случи, а идниот месец ќе се знае и точниот датум, категорични се дел од членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои се дел од Иницијативниот одбор за свикување конгрес. Во интервју за „360 степени“ поранешниот градоначалник на Општина Аеродром, Ивица Коневски, вели дека актуелниот лидер Христијан Мицкоски не ги реализирал трите нешта поради кои делегатите го избрале во 2017 година – да ја обедини партијата, да ги подобри коалициските капацитети и да ги обнови односите со меѓународната заедница и дека и на трите полиња состојбата е полоша од било кога.

„Фер е пред самите делегати кои му ја дадоа довербата да ја води партијата, да се свика конгрес на кој ќе се дискутираат причините за изборните порази на партијата. Тоа гледам не е размислување на самиот претседател, негова интенција е да се премости овој период до Нова година и наредниот период во 2021 да имаме редовен конгрес, кога претпоставувам Мицкоски ќе избере свои делегати од кои потоа би ја барал поддршката да ја води партијата“, вели Коневски и оценува дека ова не е фер кон делегатите кои претходно му ја дале довербата да ја води партијата.

Слични содржини