Мицкоски се премисли – Побара воведување на вонредна состојба

од Aleksandar Todeski

Откако вчера по лидерската средба, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара воведување на кризна состојба на територијата на целата држава, денеска на прес конференција излезе со нов став, дека требало воведување на вонредна состојба.

„Поради итноста и алармантноста на состојбите на терен, но и неопходноста да се помогне на граѓаните апелирам денес до претседателот Пендаровски да прогласи според Уставот вонредна состојба во Македонија час поскоро. Да не се губи драгоцено време, а поважно од тоа дали е вонредна или кризна состојба е тоа мерките и помошта да стигне до граѓаните“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека вчера побарал кризна состојба, зошто со воведувањето на вонредна состојба не било целосно демократски.

„Јас побарав воспоставување на кризна состојба затоа што тоа е степен повисоко во сериозноста на пристапот, квалитетот и мобилноста на справување со последиците од Корона вирусот. За разлика од воведувањето на Вонредна состојба во која целата власт се сосредоточува во рацете на еден човек, што ќе се согласите и не е така демократски“, рече Мицкоски.

Вчера пак, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ рече дека било подобро да се прогласи кризна состојба, а дури по 30 дена, ако е потребно, да се прогласи вонредна состојба.

„Побаравме нешто што е различно од другите лидери, дали да имаме кризна или вондредна состојба. Значајно е што вонредната состојба не е регулирана состојба со закон. Постои Закон за управување со кризи, кога беа поплавите се повикувавме на тоа и се дејствуваше како што е дефинирано со Законот за кризи. Можеби е најдобро да се прогласи состојба на криза на територијата на целата држава, а дури потоа, после 30 дена да се оди кон прогласување на вонредна состојба или кризна состојба во региони опфатени со коронавирусот“, рече Мицкоски вчера, по лидерската средба.

Слични содржини