Мицкоски: Со обновата доаѓаат 1.000 проекти кои ќе го подобрат животот на секој граѓанин

од Aleksandar Petrovski

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска заедно со носителот на кандидатската листа за пратеници во Втората изборна единица Владо Мисајловски ја посетија општината Шуто Оризари. Мицкоски им порача на граѓаните дека на 15-ти јули доаѓа обновата на земјата и со обновата доаѓаат нови 1.000 реални мерки и проекти кои ќе го подобрат живеењето на граѓаните.

-Јас верувам дека овде може да биде поинаку и ви давам збор, го имате мојот збор дека навистина во следните четири години ќе направиме препород не само овде во Шуто Оризари туку секаде низ цела Македонија каде што живее ромскиот народ, вети Мицкоски. Власта за овие три години, како што рече, ништо не направи за доброто на Република Македонија. Се ветуваше се и сешто, а од тоа донесоа само криминал, сиромаштија, рекет.

-Во онаа наша читанка која што ја нарековме „Проект – Обнова“ ќе најдете повеќе од 1.000 проекти. Таму има проекти и за вашето Шуто Оризари, но не и само за Шуто Оризари туку буквално за секоја педа. Повеќе од 1.000 проекти кои што се многу внимателно одбирани. Илјада проекти кои што ќе го подобрат квалитетот на животот на секој еден наш сограѓанин и таа евидентна разлика ќе се види уште во првите 100 дена. Нема да чекаме со години туку уште во првите 100 дена ќе се забележи таа евидентна разлика. И повисока просечна плата за 25 отсто, и повисока пензија за 20 отсто, и повисоки субвенции за земјоделците за 640 милиони евра, повеќе од 1.000 километри нови патишта, реконструирани патишта локални и регионални, повеќе можности за образување за секој еден човек, нагласи Мицкоски.

Мицкоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ има изготвено и преодна стратегија во која што се обезбеди студентите да не плаќаат школарина за учебната 2020/202. За угостителите овде во Шуто Оризари, како што рече, ќе биде примамливо да знаат дека ќе се намали данокот на додадена вредност од 18 на 10 отсто, заклучно со 2021 година.

-Се обврзувам дека тоа што ќе го ветиме, тоа ќе го исполниме за сите жители на Шуто Оризари. Да покажеме дека можело поинаку и дека овие луѓе кои што живеат овде го заслужуваат тоа да биде поинаку, истакна Мисајловски.

Мисајловски додаде дека победата ќе биде убедлива ако сите граѓани излезат на избори и гласаат за обновата на Македонија.

Слични содржини