Мицкоски: Убеден дека нашите сојузници во Европа ќе ја разубедат Бугарија

од Nikola Popovski

Вечерва во емисија на штипска телевизија гостуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој што посочи дека Македонија како држава заслужува да ги отпочне преговорите со ЕУ. Не смее Европа да дозволи Бугарија да ја блокира земјава кон европскиот пат.

„Ние во 90-тите години бевме оазата на мирот, Владите на ВМРО-ДПМНЕ. Ние во 99-тата година примивме 100–тици илјади бегалци кога Европа ги затвораше вратите за време на косовската криза. Ние ја контролиравме 2001-та година да не ни излезе од раце. Ние ја смиривме мигрантската во Европа. Ние бевме браникот, тука долу недалеку од овде во Гевгелија. Македонија заслужува без никакви условувања од Европа да започне преговори со ЕУ“, истакна Мицкоски.

Мицкоски додаде дека е убеден дека во декември ќе се случи таа меѓувладина конференција.

„Јас сум убеден дека нашите сојузници во Европа ќе ја разубедат Бугарија, дека ова не е ниту европски, нити пак граѓаните на Македонија тоа го заслужуваат“, нагласи Мицоски.

Мицкоски се осврна и на барањата на Бугарија при што посочи дека ако Зоран Заев прифати дека тука наместо окупатор имало бугарска администрација ќе значи прифаќање на сите бугарски позиции за асимилација.

„Андреј Ковачев вели дека македонската страна треба да ја смени историјата и дека во историјата наместо бугарскиот фашистички окупатор треба да стои бугарската администрација. Прифаќањето на терминот бугарско администрирање после 1941 година подразбира дека ние прифаќаме се што бара Бугарија, а тоа е дека пред 1945 не постои македонската нација и не постои македонскиот јазик. Како тоа би изгледало во пракса и што би значело? Тоа значи дека во 1941 влегува бугарската војска и практично ја ослободуваат Македонија од окупацијата која ја спровело Кралството СХС, а подоцна Југославија и ги ослободила своите Бугари родени на географската територија Македонија, а потоа 1944-45 лошите партизани повторно ја освојуваат оваа територија и лошиот Тито ја создава современата македонска нација која говори западен дијалект на бугарскиот јазик. Тука се заборава на Пулевски и се што се случило. Тоа е неприфатливо извртување на фактите“, рече Мицкоски.

Мицкоски укажа дека вакво нешто е навреда кон граѓаните.

„Кој може ова да го прифати, кој може да прифати вакви флоскули, не можеме да го прифатиме и некој кој си игра со тие факти, сите тие ќе наидат на отпор од ВМРО-ДПМНЕ“, вели Мицкоски.

Слични содржини