Мицкоски во Чаир: На 15 јули ќе победи обновата и ќе дојдат најдобрите четири години во Република Македонија

од Nikola Popovski

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на предизборен собир во скопската општина Чаир рече дека граѓаните на Република Македонија секогаш се на дното на приоритетите на Зоран Заев и на оваа влада предводена од СДСМ затоа што нему, како што рече,  поважни му се „лични агенди кои е одлучен да ги турка на сметка на честа и достоинството на граѓаните без разлика на етничките и верските различности“.

Наброи четири чекори кои, според него, се матрица на владеењето на СДСМ – лаги, национално понижување, криминал и, како што рече, „масовна пљачка“ и заробено обвинителство и судство.

-Обвинителството е заробено за да се пресметаат со политичките неистомисленици, противници. А, судството за да можат да се амнестираат за некоја неправда направена од минатото, рече Мицкоски, кој на собирот во Чаир беше заедно со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на кандидатската листа во Втората изборна единица, Владо Мисајловски.

Мицкоски нагласи дека СДСМ не се грижи како живеат македонските граѓани зашто поважни им се личните интереси и дека со лаги ги придобива симпатиите на гласачите за да управуваат со владата иако, како што рече, „за волја на вистината веќе 18 години СДСМ нема победено на парламентарни избори“.

-Јас ви ветувам дека во првите 100 дена секој оној кој што се огрешил пред законот, осрамотил пред граѓаните, без разлика дали е политички определен или неопределен на онаа или оваа политичка партија ќе одговара. Од прв до последен. Доста беше неправди, овој народ е уморен од криминалци, од натрапници во политиката, рече Мицкоски и порача дека на 15 јули ќе победи обновата и ќе дојдат, како што рече, најдобрите четири години за Република Македонија.

Носителот на листата во ИЕ2 Владо Мисајловски им се заблагодари на членовите на ВМРО-ДПМНЕ – Општински комитет Чаир за досегашната поддршка и за сиот ангажман во годините наназад, заклучувајќи дека теренските активности во  Чаир укажуваат  дека Македонците таму „се чувствуваат како граѓани од втор ред“, а тоа, рече, „не смее да биде така“.

-Тоа е појава која се случува секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ не е власт. Затоа по 15 јули оваа слика ќе мора да се промени. Граѓаните на Чаир долги години се изолирани во работата на општината и за нив административните работи не одат како за сите други жители. Документите за легализација на имотите се расфрлаат по општински канцеларии и работите не се завршуваат, само поради тоа што Македонците во Чаир не гласаат за ДУИ или за некоја друга партија. На сето тоа мора да дојде крај, истакна Мисајловски.

Се уверил, рече, во фактот дека Македонците сè повеќе се иселуваат од Чаир и зградите се празни и порача дека Македонците „колку и да се, овој пат ќе победат во Чаир и ќе се изборат за свои права, а не да бидат граѓани од втор ред во сопствена држава“.

Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе работи посветено за Чаир и за граѓаните на Чаир и таа општина, рече, ќе биде урбана во која секој граѓанин ќе се чувствува „слободен и свој на своето“.

Слични содржини