Мицковистичкото ДПМНЕ како спротивност на ВМРО

од Vladimir Zorba

Веќе долги, агонични 4 години е јасно дека т.н. мицковистичко дпмне е пречка за понатамошниот историски развој на Македонскиот народ и држава. Денес, тој безброј пати емпириски верификуван факт мора да се трансформира во императивна должност на секој самосвесен Македонец, на секој граѓанин на оваа држава како задача политички, демократски да се уништи ова и вакво вмро дпмне. Таа задача денес претставува всушност и нов неопходен услов за понатамошно колективно егзистирање на политичка и општествена нормалност, услов без кој ништо друго не е можно овде, посебно во смисла на континуирано решавање на големите политички, општествени и економски проблеми со кои се соочува нашата држава. Важноста од тоа просветителско созерцание, најсуштинско согледување на таа најнова патриотска потреба на Македонскиот народ/нација дотолку е засилена со очигледното сукцесивно антидржавно, антимакедонско делување на тоа друштво таму кое во секојдневната комуникација меѓу луѓето се почесто се нарекува мицковистичко дпмне, што препознавањето на таа насушна колективна потреба за доброто на сите овде – политичка анихилиција на дпмне –  може да биде основен плаузибилен критериум за лична и групна интелигенција.

Проблемот што Македонскиот народ/нација го има со ова и вакво вмро дпмне не може, во оваа смисла, поинаку да се надмине освен со постојано деконструирање на нивните големи лаги, на нивната екстремно силна лажлива медиумска пропаганда. Токму на тие големи лаги кои секојдневно се дисперзираат преку нивната мошне ефективна медиумска машинерија се должат, во најголема мерка, нивните какви-такви добри резултати на локалните избори. Значењето на медиумите врз креирањето на изборната свест и одлука за гласање денес е несомнено идентификувана, посебно во т.н. информатичко општество, дигитално глобално село какво што владее во светот, а уште повеќе и кај нас, во услови на сеуште ниско ниво на изборна свест и политичка култура. Во изминатите години пропагандата на вмро дпмне толку се засили, што апсолутно доминира врз јавниот – медиумски дискурс во оваа држава; не постои друга политичка партија која макар и приближно ја има развиено таа перфекција на лаги, манипулативни припрости „објаснувања“, пристрасно пренесување на претходно селектирани информации,  целосно извртување на фактите итн., како што тоа денес го прави таа пропагандна машинерија на мицковистичкото дпмне, инаку, според некои информации, добро платена за тие субверзивни дејства. Огромниот број на луѓе и финансии кои се ангажирани во ширењето на таа т.н. мицковистичка пропаганда, за жал, сеуште релативно успешно делува врз формирањето на политичката и изборна свест, посебно кај оние што се помалку образовани и, од различни објективни причини, неинформирани или индоктринирани. И токму затоа, време е македонското општество да ја прекине таа доминација на лагите во полза на таа партија која е крајно опасна по демократските процеси и развојот на државата, па дури, уште повеќе, и по самото опстојување на истата во политички хоризонт на смислата. Денес мора да биде запрена таа бескрупулозна, ждановистичко-гебелсовска пропаганда, која лагите и конфузијата ги прикажува како вистина со единствена цел – партиски рејтинг, изборни победи на дпмне, освојување на власт.

Најновото место каде се потврдува тоа антимакедонско делување од т.н. „бела куќа на злото“ (секако, сфатено во политичка смисла на синтагмата), уште едно парадигматично деридијанско означување, е случајот со Бугарија и стриктната интеракција на овој голем политички проблем со интегративниот процес кон ЕУ. Овде на дело доаѓаат до израз сите политички лаги, лицемерие, пакост, опортунизам, политичко профитерсто со нарацијата патриотизам итн., до таа мерка што просто е неподнослив и срамен молкот на секој нормален човек пред ова перверзно политичко замајување на јавниот дискурс од страна на платените ждановистичко-гебелсовските дувла околу дпмне. И затоа, може да послужи како почеток на тоа големо демаскирање на пропагандните лаги на мицковистичкото дпмне, бодријаровско разголување на симулакрумите кои доаѓаат од таа „бела куќа на злото“ на Мицкоски и неговата дружина. На овој случај се гледаат сите валкани, пакосни, расипани лица на таа мицковистичка пропаганда, до израз доаѓаат сите можни манипулативни, иако ефтини трикови на нивната агитпроповска медиумска машинерија. Прва и фундаментална голема лага е лицемерниот однос кон фактот дека проблемот со Бугарија е главната пречка за отворање на преговарачкиот процес односно интеграција кон ЕУ, односно – тие од една страна го критикуваат наводно попустливиот однос кон Бугарија, додека од друга страна, истовремено, според признанието на нивниот „лидер“, тој испраќал охрабрувачки пораки на минатиот Премиер да не попушта кон нивните барања (sic!); а од трета страна упорно лажат дека заради Владата не добиваме датум за преговори! Но, дури и малите деца и помалку упатените, што значи веројатно и тие таму, веќе знаат дека за да има датум  за преговори со ЕУ треба да има договор, компромис, дозвола од Бугарија (Бугарските власти, попрецизно), а токму тие преку својот лажен патриотизам го критикуваат тој сеуште непостигнат компромис! Конечно, еве, зошто не кажуваат како тие би го решиле проблемот со барањата на Бугарија? Никогаш не кажале ништо што тие, ако скраја да е успеат да се докопаат до власт, планираат да прават, кои се нивните позиции, до каде е нивниот компромис? Или, нема да прифатат ниту едно од барањата, што децидно значи дека нема ЕУ, а тие, апсурдно, дури и во нивниот статут имаат напишано дека се за ЕУ. А, просто е, ако нема договор, нема ЕУ, што значи тие се – против ЕУ! Со други зборови, како и за многу други важни теми и проблеми на државата, тие ем се прикажуваат односно глумат патриоти (да не се попушта воопшто кон барањата), ем сакаат во ЕУ –  па тоа не може двете заедно, во исто време!

Втората голема лага случајно ја откри нивен висок функционер, во објаснувањето зошто, наводно, според него, требало пак да биде избран Мицкоски за претседател на нивниот конгрес. Имено, тој рече дека, парафразирам, успеал(е) да ги подобрат односите со меѓународната заедница и да го прошират коалицискиот капацитет. Парадоксално, токму тука, во тој акт, политичка интенција, повторно соголено се покажува нивниот лажен патриотизам, големата и дрска лага со која го лажат, така да се каже, патриотскиот дел од Македонскиот народ. Имено, точно е дека нивните ставови се практично идентични со оние на сдсм, лдп, и многу други партии, во однос на политиките кои се поддржани од меѓународната заедница и Албанците и другите малцинства, но тие, нели ВМРО дпмне, за разлика од посебната, кохерентна траекторија на идеологијата на сдсм, не прилегаат на ВМРО. Во некоја историска, кумулативна перспектива, ВМРО има своја специфична развојна идеолошка линија која до пред 4 години беше релативно конзистентна и може да се амплифицира преку вековната агонистика. Што значи, не може во исто време квази мицковистичката ВМРО идеологија да биде ем патриотска, ем политички додворувачка кон јасната визија и однос на ЕУ кон македонската држава, а тоа уште помалку може да важи и за тотално инкомпатибилните барања на албанските политички партии, на пример од нивниот коалиционен партнер Зијадин Села односно алијанса на албанците. Како може сеуште да се лаже дека се патриоти кога нивни пратеници го гласаа преспанскиот договор а претходно нивниот „лидер“ им ветил на ЕУ функционерите дека нема да го попречува тој процес (на менување на името, со цел, нели, да ги подобри релациите со ЕУ), и што е уште посмешно, дури никаде и не спомнуваат барем некаква теоретска можност за делегализација на преспанскиот, двојазичноста, охридскиот рамковен договор итн.? Како логичен заклучок, јасна е целта и на овој куп лаги на мицковистичкото дпмне –  преку пропагандната машинерија сеуште да ги одржат квази нарациите за дпмне како патриотска партија, додека, во исто време, ги подобруваат односите со меѓународната заедница и го прошируваат коалицискиот капацитет –  но, пежоративно:  е па не може тоа, три во едно, ем патриоти ем ЕУ ем Зијадин!

До пред неколку години незамисливата, и сеуште просто неверојатна трансформација, или поточно кажано анихилација која нивниот „лидер“ ја направи во и со дпмне, претворајќи ја во тотална спротивност, и програмски и кадровски, на ВМРО, е до таа мерка успешно завршена што повеќе ниту еден член на дпмне не може да се претставува како ВМРО, освен ако не се шегува. Денес таа партија нема никаква, буквално никаква врска со онаа партија пред 2017 година а камоли со историското ВМРО –  ниту идеолошки ниту програмски, освен со по некој резидуум оставен намерно за залажување на помалку информираните гласачи, оние кои имаат сентиментален или симболички однос кон буквите ВМРО. Денешното раководство, со ретки исклучоци, се персони кои со години споделуваат и практикуваат спротивни вредности од оние кои се иманентни и на самата помисла на ВМРО, а токму тие се лицето и опачината на денешното дпмне. Партијата сега не е ништо друго освен раководството, како што впрочем тоа брутално и се покажа изминативе 4-5 години; тоа здружение нема есенција надвор од тесниот роднински и пријателски круг на нивниот т.н лидер. Сите приказни за некакво трансисториско вмро, за суштина и „Организацијата“  која атемпорално постои во вмро а реализација во практика добива од мицковистичкото дпмне, се бесмислени, празни митолошки приказни, денес свирепо разголени среде ништожноста на нивните големи лаги. Нема денес ништо таму што е на било кој начин ВМРО, има само Мицкоски и неговото друштво кое и онака, според сите релевантни индикатори се повеќе и во практика станува друштво  центар десно накај лево, како што впрочем експлицитно кажа и еден од неговите дури 4 потпретседатели, а што претставува ултимативна потврда на единствената вистина – мицковистичкото дпмне не е ВМРО, и како такво, холистички мора да се анихилира како спротивност и пречка на автентичните, најдлабоки потреби и интереси на Македонскиот народ и држава.

д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот

 

Слични содржини