Мицковски: Се размислува за продажба или изнајмување на објектот на партијата, се скенира пазарот

од desk4

   ВМРО-ДПМНЕ размислува да го продаде или изнајмува објектот на штабот на партијата во центарот на Скопје во насока на рационализација на трошоците.

Ова го најавува лидерот на партијата Христијан Мицкоски во интервју за МКД.мк.

– Размислуваме за рационализација на трошоците во партијата. Ако имаме соодветна понуда, објектот на штабот на партијата би го продале или би го изнајмувале доколку има соодветна понуда. Сега правиме еден вид скенирање на пазарот, па ќе видиме, рече Мицкоски.

За наредни потези на партијата до декември, кога треба да се усвојат уставните амандмани, вели дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да биде гласен критичар на власта.

– Немаме намера да отстапиме, или да влегуваме во нивните стапици на разно-разни комисии за некакво лажно помирување додека невини луѓе гнијат по затворите и се водат десетици судски процеси или истраги против стотици други. Едноставно, сега најдоа пратеници кои не издржаа, па им текна на помирување. Не оди тоа така, и ако се надеваат на селективна правда, таква неправда ние нема да поддржиме. Затоа го афирмираме нашиот закон за амнестија за инволвираните за 27 април кој ќе донесе слобода за сите и тој закон ќе го доставиме до парламентарните политики партии, вели Мицковски.

Тој додава дека што се однесува до партискиот живот и динамика ВМРО-ДПМНЕ врши комуникации со големи општествени групи и поединци и ќе се посветат на окрупнување на линијата против ова, како што наведува, заедничко зло претставено од владата предводена од СДСМ.

Најавува дека наредната недела планираат воспоставување совет на Извршниот комитет на партијата кој ќе биде составен во голема мера од нови ликови, професионалци од различни области, професори, доктори на науки, аналитичари и експерти кои, како што вели, ќе ги скенираат сите проблеми и области и ќе нудат решенија на ИК на партијата.

-Тие ќе бидат нашата додадена вредност со кој ќе демонстрираме отвореност, нов квалитет, нов начин на работа и инклузивност, истакнува Мицковски.

Слични содржини