Мицотакис и Ердоган се согласија да го активираат Советот за соработка за да ги намалат тензиите

од Vladimir Zorba

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се разбраа за времена нивниот состанок во Њујорк за повторно активирање на Врховниот совет за соработка во обид да се смират тензиите меѓу двете земји и да се одржи отворен канал за комуникација, пренесе „То Вима“.

Секако, во центарот на разговорите е спорот за јаглеводородите и зголемените тензии во Медитеранот. Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар изјави пред новинарите дека 45-минутната средба, што се одржала на маргините на Генералното собрание на ОН, била во срдечна атмосфера.

Ограничувањето на протокот на бегалци и мигранти од турскиот брег кон грчките острови, исто така, беше една од најважните теми на кои грчкиот премиер сакал да се осврне. Мицотакис споделил пред Ердоган дека го поддржува предлогот на претседателот на Република Кипар, Никос Анастасијадис, да се сподели богатството со јаглеводород на островот меѓу двете заедници.

Мицотакис беше придружуван од министерот за надворешни работи Никос Дендиас, владиниот портпарол Стелиос Пецас, заменик министерот за надворешни работи Костас Фрагонинис и неговите дипломатски советници Александра Пападопулу и Димитрис Митропулос. Во делегацијата на Ердоган беа и министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу и министерот за одбрана Хулуси Акар.

Средбата се одвива во време кога тензиите во Источниот Медитеран се многу високи и Грција активно организира кампања за привлекување сојузници против Турција во регионот. Во исто време, протокот на мигрантите од турското крајбрежје кон грчките острови значително се зголеми.

Овие се прашања поставени на ниво на Европската унија – особено прашањата за миграциските текови, каде на Турција и се посочува да ја почитува Декларацијата ЕУ-Турција.

Грчката влада силно го поддржува дијалогот, но Мицотакис рече дека ако Турција сака нов почеток на билатералните односи, тоа мора да го демонстрира активно.

Слични содржини