Многу комбинации за состав на нова влада, Пендаровски го чека исходот од преговорите

од Берта Китинска

Разговорите за формирање нова влада меѓу партиите течат, но засега се уште никој официјално не се изјасни дали постигнал договор.

Вчеравечер беше објавено дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го финализираа договорот за формирање нова Влада.Според Лајм единствената „задача“ на Христијан Мицкоски сега е да го убеди претседателот на Левица, Димитар Апасиев, да поддржи влада со премиер Албанец.

Истите извори за порталот велат дека Али Ахмети и Мицкоски се согласиле дека прв премиер ќе биде Лазар Еленовски, кој ќе се декларира и за Албанец и за Македонец.

На оваа објава Бујар Османи од ДУИ изјави дека нема коментар, но за кратко се предомисли.

„Нема никаков договор со ВМРО-ДПМНЕ, но нема никаков договор и со СДСМ“, изјави Османи за ТВ 21 ги демантирајќи ги ваквите информации, уверувајќи дека ДУИ не е изворот од каде тие потекнуваат.

Од ВМРО-ДПМНЕ не ги ни потврдиле, а не ги ни демантирале овие шпекулации.

Мицкоски вчера најави дека ќе има средби со останатите партии во претстојниот процес на формирање на парламентарното мнозинство, но не сакаше да открие детали со кого и за што преговара.

„ВМРО-ДПМНЕ во периодот што претстои ќе се обиде да формира парламентарно мнозинство од 61 пратеник, но не по секоја цена. Врз основа на таа поддршка што би ја добила идната влада, ќе ги спроведеме политиките што ги ветивме пред граѓаните. Се разбира, доколку не успееме, ВМРО-ДПМНЕ останува во опозиција и ќе се бори против сите погрешни политики што би ги водело парламентарното мнозинство“, изјави Мицкоски.

По објавата дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го финализираа договорот за нова влада од СДСМ изјавија дека имаат обезбедено мнозинство за составување влада.

„Очигледно е дека текстовите објавени вечерва се провидно политичко позиционирање преку злоупотреба на медиуми, заради постигнување подобри позиции пред јавноста, но и во преговорите на одредени политички субјекти“ изјавија од СДСМ.

Од таму додаваат дека во следните денови претседателот Стево Пендаровски ќе му го додели мандатот на Зоран Заев.

Од кабинетот на претседателот за ТВ24 вчера порачаа дека Пендаровски нема да кани никого на разговор туку ќе го чека исходот од преговорите помеѓу политичите партии.

– Во однос на прашањето кога претседателот би имал средби со партиите, ќе го почекаме исходот од разговорите кои се во тек меѓу партиите кои имаат освоено пратеници во Собранието. Која било партија или коалиција од партии што ќе обезбеди мнозинство во Собранието може да побара разговор кај претседателот за да го информира за резултатот од политичките преговори, велат од Кабинетот на Претседателот.

Уставот предвидува претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидатот на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

На парламентарните избори што се одржа на 15 јули годинава, коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата „За обнова на Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ доби 15, коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива 12, Левица два, а ДПА еден мандат.

Слични содржини