Поголем број медиуми денеска ја потпишаа Повелбата за етичко известување за време на избори која се заснова на основните принципи на новинарското работење.povelba-860x680

Меѓу потписниците се телевизиите Канал 5, Сител, Телма, Алфа, 24 вести, Алсат М, Нова и Амазон, потоа Македонската информативна агенција, пишаните медиуми Вест, Капитал, Нова Македонија, Утрински весник, Фокус и Вечер, порталите Локално, Телеграф, Портал, Прес 24, како и Здружението на приватни медиуми кое обединува околу 60 медиуми.

povelba

Од Советот за етика во медиумите, кој ја иницираше Повелбата, истакнуваат дека процесот на прифаќање е отворен и за сите останати медиуми кои сакаат да го потпишат овој документ.

Повелбата се заснова на принципите на вистинитост и објективност, избалансираност, јасна дистинкција меѓу информациите и коментарите, чесност и неутралност, професионална солидарност, уредничка незавиност, почит и толерантност, слобода и одговорност.

– Текстот на Повелбата се заснова на најважните универзални принципи на професијата содржани во документи и публикации на Меѓународната федерација на новинарите, Иницијативата за етичко новинарство, Ројтерс, Репортери без граници, член 19 итн, нагласи Марина Тунева, директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија на потпишувањето на Повелбата.

 

Според неа, она што е најважно за Повелбата е сите принципи од неа да бидат континуирано применувани во секојдневното работење на медиумското известување.

– Денес многу повеќе отколку порано постои потреба новинарот да биде истражувач на вистината, доловувач на суштината и објаснувач на околностите. Новинарите треба да бидат надвор од сите редови на моќ, политичка и институционална, корпоративна итн., рече Тунева.

Претседателот на Комисијата за жалби при СЕММ, Мирче Адамчевски рече дека како Совет на етика очекуваат потписниците на Повелбата да водат грижа за основните принципи во новинарското работење.

– Се надевам дека вашите потписи нема да останат мртва буква на хартија, дека етичките начела ќе надвладеат и нема да се нарушуваат. Уште помалку дека тоа ќе биде правено додека е свежо мастилото од вашите потписи, рече Адамчески.

Драган Антоновски од Управниот одбор на Советот за етика, побара од сите медиуми заеднички да се обидат и со своето професионално работење да го вратат достинството на професијата и да го сменат исказот „лажат новинарите“ во доверба, вистинитост, навременост и точност./MИА

Слични содржини