МНР: САД издвои 4,3 милиони долари за зајакнување на владеење на правото во земјава

од Nikola Popovski

Министерството за надворешни работи (МНР) денеска соопшти дека во рамки на реализацијата на Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, американската Администрација донесе одлука за издвојување на дополнителни средства за зајакнување на владеење на правото во земјава, за што се издвоени дополнителни средства во износ од 4,318 милиони американски долари.

Со отпочнувањето на Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија – САД,  се посочува во соопштението, пријателските односи меѓу двете земји се подигнати на ново, повисоко ниво во име на продлабочување на стратешкото партнерство.

Стратешкиот дијалог започна на 2 јуни во Вашингтон, меѓу владината делегација предводена од министерот за надворешни работи Бујар Османи, од наша страна и  делегацијата, предводена од помошникот државен секретар на САД за европски и евро-азиски работи, Карен Донфрид, од американска страна.

– Стратешкиот дијалог претставува форум кој обезбедува врамување на билатералните односи и соработката во одбраната, економијата, образованието, транспортот, енергетиката, климатските промени, демократскиот развој, борба против корупција, владеењето на правото, трговијата и други теми од заемен интерес, се наведува во соопштението од МНР.

Слични содржини