МНР со апел до советниците во општините: Доследно да се применуваат уставните одредби во согласност со Преспанскиот договор

од Берта Китинска

Во врска со последните случувања на конститутивните седници на Советите на општина Штип и општина Аеродром, Министерството за надворешни работи изразува загриженост од постапките на дел од советниците избрани на последните локални избори во врска со потпишувањето на свечената изјава.

Оттаму велат дека согласно Законот за локалната самоуправа се укажува на следното:

-Со Законот за ратификација на Конечната спогодба, Одлуката за прогласување на амандманите ХХХIII, XXXIV, XXXV и ХХХVI на Уставот на Република Македонија и Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија од јануари 2019 година, уставното име на државата е Република Северна Македонија и дека сите државни институции и единици на локалната самоуправа се должни да го почитуваат Уставот на Република Северна Македонија и да ги усогласат сите акти кои ги донесуваат со Уставот.

Имено, секаде каде што името Република Македонија е наведено во законите и подзаконските акти на државните органи и единиците на локалната самоуправа,вклучително и во свечената изјава,од денот на влегување во сила на горенаведените акти се користи уставното име Република Северна Македонија.

Министерството за надворешни работи, следејќи ги ваквите појави по завршувањето на локалните избори и при конституирањето на определени совети во општините, повикува на доследна примена на уставните одредби во согласност со Преспанскиот договор, имајќи предвид дека непочитувањето на Уставот и на ратификуваните меѓународни договори сериозно го нарушува меѓународниот углед на државата и го поткопува правниот поредок на Република Северна Македонија.

Истовремено, упатуваме апел до надлежните институции и особено до Министерството за локална самоуправа, соодветно да реагираат согласно нивните надлежности, бидејќи согласно член 3 од Законот за ратификација на Конечната спогодба „…сите други органи на државната управа во чиј делокруг спаѓаат прашањата опфатени со спогодбата се определуваат како надлежни органи што ќе се грижат за извршување на спогодбата…”Воедно, упатуваме апел и до сите советници во општините доследно да го почитуваат Уставот на Република Северна Македонија, како што е наведено и во самата свечена изјава, соопштија од МНР.

Вчера од Левица информираа дека покрај  Штип, свечена изјава со името „Република Македонија“ нивните советниците  и во Советот на Општина Аеродром.

-Меѓудругото, се бориме за се’ помасовна употреба на уставното име усвоено со Референдумот од 1991 година, коешто формално правно е, и мора да биде во употреба, бидејќи промената на името после неуспешниот Референдум во 2018 е противуставна и спротивна на изразената волја на граѓаните!
Поради ова, на денешната седница во Општина Штип, претставникот на Левица во Советот, остро застана зад позициите на ставот на Партијата – свечената изјава да биде потпишана како што е пропишана во Законот за локална самоуправа – односно, со името Република Македонија! Освен во Општина Штип, свечена изјава со правилното име – Република Македонија, беше потпишана и од страна на советниците на Левица во Општина Аеродром!, велат од Левица.

Слични содржини