МНР упати нова вербална нота до Софија откако Костадинов од „Преродба“ рече дека „Македонија е бугарска“

од Nikola Popovski

Министерството за надворешни работи ќе упати нова формална вербална нота до бугарските колеги поради изјавите на пратеникот и лидер на политичката партија „Преродба“ Костадин Костадинов.

-Не само што овие пораки се директно спротивни на духот на Договорот за пријателство во чија суштина е меѓусебната почит како основа за унапредување на добрососедските односи, туку и пораки кои не се ниту во духот на европските вредности и нашето заедничко евроатлантско сојузништво. За денешниот инцидент формална вербална нота ќе биде упатена до Министерството за надворешни работи на Бугарија, се вели во соопштението од МНР.

МНР пред повеќе од две недели преку нашата амбасада во Софија испрати вербална нота до бугарското МНР, овој пат по повод изјавите на Костадинов, кој рече дека сме втора бугарска држава во Европа.

Преродба го дефинираше отворањето на културен клуб во Благоевград именуван по бугарскиот поет Никола Вапцаров како „неуспешен обид за провокација“. Во декларација од говорницата на Народното собрание, Костадин Костадинов наведе дека заштитата на бугарскиот национален интерес при отворањето на клубот паднала на плеќите на внуците на Никола Вапцаров.

Костадинов изјави дека ваквите провокации ќе зачестат. Како причина за ова го посочи укинувањето на ветото од бугарска страна за почеток на преговорите на Република Северна Македонија со Европската Унија. Според него, тоа ќе доведе до зголемување на претензиите кон Бугарија и зголемување на сите видови провокации.

-Македонија тврди дека носат провокативни имиња. 100 пати повторена лага станува вистина. Книгата за Никола Вапцаров ќе ја претставиме во парламентот каде тој се дефинира како Бугарин. Ќе зборуваме за бугарската историја – во Брисел и Стразбур, за да биде јасно едно: Македонија е бугарска, заклучи тој.

Слични содржини