МНЗА: Меѓу 15.000 и 20.000 лица имаат аутистичен спектар на нарушувања

од Vlatko K
341 прегледи

Се проценува дека меѓу 15.000 и 20.000 лица во државава имаат аутистичен спектар на нарушувања, покажуваат епидемиолошките студии на Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА), кое со меѓународната асоцијација „Аутизам Европа“ се приклучи во кампањата за одбележување на 2 април, Светскиот ден на аутизмот.

Од МНЗА информираат дека овој ден го одбележуваат од 2011 година и дека ги превеле на македонски јазик материјалите на асоцијацијата, кои се достапни на нивната веб страница. Алатките за кампањата може да се преземат од следниот линк 

– За да одговори на секојдневните предизвици со кои се соочуваат лицата со аутизам „Аутизам Европа“ ја почна кампањата насловена „Нова динамика за аутизмот. I ∞ аутизам”. Аутизмот е доживотна состојба и во сите земји-членки на ЕУ, а и надвор од неа, лицата со аутистичен спектар на нарушување се соочуваат со слични предизвици, како што се: навремена дијагноза, образование, здравствени услуги, домување и животна поддршка од страна на заедницата. Потребен е холистичен пристап за потребите на овие лица, кој членовите на МНЗА секојдневно го применуваат во нашите активности и проекти, истакнува претседателот на МНЗА, проф.д-р Владимир Трајковски.

Заинтересираните за вклучување во кампањата, како што наведува тој, може да ги споделуваат на социјалните медиуми сите алатки од погорниот линк на македонски јазик, користејќи го хаштагот #AutismDay2019. Официјалното видео за кампањата е креирано од „Аутизам Шпанија“, членка на „Аутизам Европа“. Целта е што подобра социјална инклузија на лицата со аутизам. „Аутизам Европа“ ја објави алатката за кампањата, што ги објаснува целите на кампањата и вклучува материјали и стратегии на повеќе од 14 јазици, како и на формат лесен за читање.

Светскиот ден на аутизмот е прогласен од Генералното собрание на Обединетите нации во 2007 година, како ден на кој треба да се посвети внимание на ургентните потреби на лицата со аутизам ширум светот. Се претпоставува дека седум милиони луѓе во ЕУ имаат аутистичен спектар на нарушувања. Многу од нив се соочуваат со дискриминација и се подложни на социјална исклученост.

Македонското научно здружение за аутизам е невладина и непрофитна научна организација, чии цели се откривање на причините на АСН, рана дијагноза и рана интервенција, поддршка на правата на лицата со аутизам и нивните семејства и подобрување на квалитетот на нивниот живот воопшто.

Слични содржини