Мојсова-Чепишевска: Вистината за нашата татковина силно ќе одекнува низ светот и во времето што е пред нас

од Stefanija Kuzmanovska

„Татковино, песно недопејана, песно неспокојна, / спокојот во нас ќе го ископаме: ќе го ископаме од искони!“. По размислите за постигнатото со Третата зимска школа, овие стихови на великанот Ацо Шопов, како одново да се раѓаат, во нова форма и со некој нов, повеќезначен одглас – во нас, во сите оние кои на еден или друг начин бевме дел од неа. И тоа одново се раѓаат двоејќи се од темнината – онака како што пееше Шопов за раѓањето на зборот. Одново, во нас „ископавме“ исконски спокој, бидејќи преку оваа Школа, уште еднаш се потврди дека и во времето што е пред нас, македонскиот јазик, литература и култура, силно ќе одекнуваат низ светот, а со нив и вистината за нашата татковина. Оти има посветеници кои се вложувааат и се подготвени и во годините што следат да се вложуваат во странската македонистика.

Ова меѓу другото го истакна директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) на денешното свечено затворање на Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ, која беше во чест на великанот Ацо Шопов, по повод јубилејот – 100 години од неговото раѓање.

Таа упати благодарност до сите учесници и до лекторите, предавачите на Школата.

– Во 1976 година, Ацо Шопов ќе истакне дека сакал да ја оствари својата мисла: „Откривајќи го светот да ја доближам до себе, да ја откријам својата татковина и обратното откривајќи ја татковината да го запознам и откријам светот.” Уверена сум дека оваа мисла на Шопов се оствари и за вас, и за нас, преку оваа Трета зимска школа, во негова чест, напомена Мојсова-Чепишевска.

Таа нагласи дека завршницата на оваа Зимска школа е само најава на почетоци на нови активности и залагања, на нови постигнувања во времето пред нас.

– Со сето тоа, постојано, инакво, а суштинско значење имаат и ќе имаат стиховите на Шопов на кои им се навративме и пред шест дена, кога започна со работа Третата зимска школа: „Македонија е во светот, а светот во Македонија” и „Македонија е судбина на светот, светот е судбина на Македонија”, истакна директорката на МСМЈЛК при УКИМ.

Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ се одржа виртуелно од 23 до 28 јануари и е прва остварена активност од националата програма „2023, година во чест на Ацо Шопов”. На неа учествуваа над 40 странски македонисти од 4 континенти. На денешното свечено затворање на Школата се обрати и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Слични содржини