Модниот судир меѓу сопругите на Трамп и Бајден пожесток од дебатата

од Stefanija Kuzmanovska

Светот врие од жестоката дебата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот ривал Џо Бајден, но и нивните сопруги го украдоа вниманието со своите сосема поинакви модни избори.

Актуелната прва дама на САД, Меланија Трамп, како и жената која можеби ќе ја преземе нејзината титула, Џил Бајден, се потрудија да изгледаат беспрекорно на настанот што го следеше целиот свет – претседателската дебата.

Додека Трамп и Бајден се навредуваа,за време на жестоката дебата која многумина ја оценија како „хаотична“, погледите беа вперени во нивните сопруги кои дојдоа да ги поддржат, и кои им се придружија на сцената на крајот од дебатата.

Меланија Трамп, како и секогаш, покажа дека ги следи трендовите, а изгледаше совршено во одличен костим на нејзиниот омилен бренд Dolce & Gabbana. Таа го комбинираше костумот со елегантна бела кошула. Исто така, носеше и високи Christian Louboutin потпетици во вредност од 695 долари.

Нејзината ривалка Џил Бајден се одлучи за класичен изглед – елегантен фустан од смарагд, кој имаше интересен детал во форма на реси. Според медиумите, таа го носела овој фустан и во 2017 година на настан во Њујорк.

Меланија имаше малку посилна шминка од очигледно поскромната Џил Бајден.

Додека сопругата на Бајден сакаше да испрати порака дека е во ред да се носат парчиња одново и одново, бидејќи тоа е дефинитивно добро за нашата околина, костумот на Меланија едноставно испраќа порака дека таа има моќ (и одлична фигура). Актуелната прва дама очигледно ги презела стилските трикови од нејзиниот сопруг, кој секогаш е во одело.

 

Слични содржини